Протестот инаку беше против ФиЛиА, феминистичка конференција која за себе вели дека е „во одбрана на човечките права на жените“. Се работи за можност за жените, од кои некои имаат преживеано и машко насилство, да зборуваат како да се справат со проблеми од типот на бело робје, силување и семејно насилство. И се работи за една од најголемите годишни феминистички конференции во Европа.
Но, транс-активистите ги обвинуваат ФиЛиА и дека се платформа за ТЕРФ-ови (овде има што значи ТЕРФ), или луѓе што сметаат дека за општеството да се справи со сексизмот, прво треба да препознае биолошки пол. Протестирачите како да не разбираа докрај кои права им недостасуваат на тие што се идентификуваат како трансродови лица, или како собирот пред феминистичка конференција и малтретирање на жените што учествуваат во неа ги прават нив „добрите“.
И стварно, според сведочења на присутните од ФиЛиА, демонстрантите се обидувале да ги угушат звучниците, дури и кога лезбејки од Уганда се јавувале од озлогласениот камп за бегалци во Какума.
Поточно: гужва народ кој верува дека е левичарски и прогресивен носеше транспаренти што ги канеа феминистките да им ги цицаат гениталиите и се обиде да ги надвика гласовите на бегалки-лезбејки од камп каде што сексуални напади и силување се секојдневие.
Ќе беше лесно да се отфрлат овие луѓе како куп недоучени студенти, но во нивните редови имаше барем едно официјално лице од некаков локален совет. Советничката Клер Уди, која ја преставува „Прогресивната народна група на Портсмут“ помогна да се организира протестот. Таа тврди дека ФиЛиА „ги загрозува животите на нашите транс и небинарни пријатели“. За време на викендот, на зградата на градскиот совет во Портсмут се вееше знамето на трансродовите лица во еден вид пасивно-агресивна закачка кон делегатите и организаторите на ФиЛиА.
Уште повознемирувачко е што многу од транспарентите беа обезбедени од Амнести Интернешенл. На едно место пишуваше и „Официјален протест-настан на АИ Велика Британија“. Слоганите на Амнести не беа така сочни како некои од тие што ги држеа похрабрите демонстранти, туку главно беа „Јас сум она што тврдам дека сум“ со букви во боите на транс-знамето.
„Јас сум тоа што тврдам дека сум“ звучи доволно разумно, додека човек не се замисли што тоа значи во пракса. На пример, според еден извештај, меѓу 2012 и 2018, 436 „жени“ се осудени за силување. Со оглед на тоа што според британските закони силувањето се дефинира како злосторство што може да го изврши само маж со користење на пенис, тоа значи дека 436 машки силувачи биле заведени во системот како женски затоа што тврделе дека идентитетот им е женски.
За оние што веруваат дека луѓето се „она што тврдат дека се“, секој од овие машки силувачи заслужува да биде затворен во женски затвор, и било кој што го доведува во прашање нивниот идентитет им ги нарушува „женските“ права. На истите овие што им веруваат некако потешко им оди да ги бранат правата на затвореничките сега веќе затворени со машки силувачи. Можеби нивната кауза не е толку инспиративна за досетливи слогани.
Има една иронија во тоа што Амнести верува дека е адвокат за правата на маргинализираните заедници, додека поддржува привилегирани дечишта што сакаат да растурат конференција на феминистки. Тие што присуствуваа на конференцијата беа жени од секаков бекграунд, повеќето со лево-кон-центар гледишта на работите. Меѓу спикерките имаше и такви што биле гонети за нивните феминистички убедувања, токму тој тип на жени во чие име се очекува Амнести да зборува.
Во време кога женските права се во поголем ризик од кога и да е, локалните советници и организации што се гордеат дека се адвокати за човечки права доаѓаат на иста страна со мизогини силеџии.
Како да заборавиле дека и женските права се човечки права.
Авторот на статијата, Џо Бартош е новинар во кампања за правата на жените и девојчињата.