Трагичното финале на Ален Делон

Во последните две недели, преживеаните деца на Ален Делон меѓусебните проблеми ги изнесоа во медиумите преку низа навреди, обвинувања, тужби и тајни снимки.

Последната жива машка суперѕвезда на златната ера на француската кинематографија е повторно на насловните страници, но не поради нов филм или брак на стари години. Последниот чин од неговиот живот се одвива јавно и всушност е крах на неговото семејство - неговите три деца се борат околу трагите на сеќавањето и неговата наклоност.

„Птиците се кријат за да умрат. Големите ѕверки тоа го прават под рефлектори,“ пишува во воведот на долгата статија што Монд ја посветува на сагата на семејството Делон. Ја нарекуваат приказна со сите елементи на грчка драма - раскарана фамилија со вила во распаѓање каде што некогаш се организирале гламурозни забави, а над сето тоа - протагонист кој пати, соочен со демоните на сопственото бурно минато.

За Французите, Делон е врвен кинематографски grand fauve (голема ѕверка) што ја шармираше Европа - весниците го следеа со децении, редовно известувајќи за деталите од неговата плодна кариера и еднакво плодниот љубовен живот. Има три живи деца - два сина и ќерка - од две различни жени, и уште еден син, непризнаен, а почина лани.

Во последните две недели, преживеаните деца меѓусебните проблеми ги изнесоа во медиумите преку низа навреди, обвинувања, тужби и тајни снимки.

Прв беше Ентони Делон, 59-годишниот син од врската со Натали Делон.

Во интервју за Пари Мач, Ентони ја обвини помладата полусестра Анучка за лаги, манипулации и прикривање на резултатите од когнитивните тестови на нивниот татко.

Анучка (33) му е ќерка на Делон од холандската манекенка Розали ван Бремен и врати со контра-напад преку адвокат, тврдејќи дека Делон „не може веќе да ја издржи агресивноста на син му кој постојано му зборува дека е сенилен.“ Потоа уште малку се вреѓаа на настапи на француска телевизија, пред да излезе третото дете, 29-годишниот Ален-Фабијен и на Инстаграм да застане на страната на Ентони и да пушти снимка од Анучка која му ја полни главата на татко им со инсинуации.

Најновото се однесува на лечењето на Делон кој имаше мозочен удар во 2019 и пати од уште еден проблем кој француските медиуми не го наведуваат. Во текот на викендот, го прегледал лекар одреден од судот, но децата и тие резултати ги оспориле.

Во меѓувреме, има уште една тужителка, 66-годишната Хироми Ролин, поранешната куќна помошничка на Делон, или љубовна партнерка, во зависност од тоа кого ќе прашаш. Во ретка демонстрација на единство, децата на Делон ја имаат отпуштено, па сега ги тужи за загрозување на неговиот живот затоа што, како што кажува - му ги ускратуваат лековите. Драмата се одвива во вилата која Делон ја има изградена на шумски имот, 120 километри југоисточно од Париз, каде што живее со Ален-Фабијен, а повремено му доаѓаат и другите. Местото е изолирано од јавноста и според Ален-Фабијен, е само сенка на некогашниот гламур:

„Сè се расипува цело време, а нема ни струја.“

Според мислењето на сите заинтересирани, Делон иако здравствено слаб и често збунет, сè уште е луциден и го сфаќа значењето на сè што се случува во неговото семејство.

А според Монд и други коментирачи, тоа е трагедија чии корени допираат длабоко во неговото минато. Детството и адолесценцијата му биле мачни и проблематични, што сигурно има оставено трага на градењето однос со синовите. Роден е во предградие на Париз, во 1935, а имал само четири години кога му се развеле родителите и завршил кај хранителско семејство. Како момче бил бунтовник - се пријавил во морнарица и учествувал во воени акции во Индокина, а го извеле пред воен суд заради кражба на џип. Во Париз во доцните 1950, живеел меѓу проститутки и гангстери, за конечно изгледот да го донесе во светот на филмот.

„Нема сомнеж дека неговото его - колку непредвидливо, толку огромно - го натерало синовите да ги смета за потенцијални ривали кои треба да ги уништи уште непојавени,“ пишува Монд.

Она што е добро познато и документирано е дека Делон како татко бил исклучително тежок со двајцата синови, кои подоцна имаа проблеми со законот и користеа дрога и оружје.

Делон имаше врска и со политички скандал во 1968, кој го предизвика убиството на неговиот телохранител Стеван Марковиќ.

За време на снимање во Белград 1962, Делон го запознава Милош Милошевиќ кого го ангажира како телохранител. Неколку години подоцна, пред Милошевиќ оди во Америка, на Делон му го предлага роднината Стеван Марковиќ, кој во тој момент во Франција работи ситни, привремени работи и се бави со ситен криминал. Марковиќ сакал да се коцка и организирал забави за припадници на високото друштво и наводно поседувал фотографии од многу познати личности во компромитирачки ситуации.

Телото на Марковиќ е најдено на депонија надвор од Париз, додека Делон го снимал „Базен“ со Роми Шнајдер на Азурниот брег во 1969. Полицијата истражувала дали Марковиќ имал фотографии од Клод Помпиду, сопругата на тогашниот кандидат за претседател Жорж Помпиду. Печатот овој случај го нарекува „Аферата Марковиќ“, а пријателот на Делон, корзиканскиот мафијаш Маркатони е уапсен и подоцна пуштен од притвор. Случајот Марковиќ никогаш не е решен.

Приказната со Анучка е поинаква - за нејзе во 2008 има кажано „На ниедна друга жена не сум ѝ кажувал толку често те сакам.“

Делон има уште еден син - Кристијан Арон Булоњ, роден 1962 - од врската со германската рок-ѕвезда Нико, од групата Велвет Андерграунд. Него никогаш го нема признаено, но грижата за детето ја има преземено мајката на Ален Делон, која била уверена дека му е навистина син. Во септември 2019, Кристијан Арон Булоњ го тужеше Делон барајќи да признае дека му е татко, а во 2023 почина во Париз, на 61 година, од предозирање.

Делон има спремено тестамент за половината од неговото наследство да ѝ припадне на Анучка, а другата половина да ја делат двајцата синови, Ентони и Ален-Фабијен. Сепак, изгледа дека сите се согласни дека парите не се причина за раздорот меѓу браќата и сестрата.

Како што коментира и Бибиси, се работи за љубов, за ривалство и за минатото.

18 јануари 2024 - 10:57