Пишува: Џенифер Савин за Космополитен
Во хаотичните и дистописки вести оваа недела, Кети Пери и свршеничката на Џеф Безос, Лорен Санчез беа во вселената цели 11 минути. Оттогаш, голем дел од интернетот, славни личности како Емили Ратајковски и Оливија Ман на пример, со право ја нападнаа нивната дрска демонстрација на богатство за време на реални тешкотии кај милиони луѓе. Особено затоа што сето тоа го завиткаа во „женска моќ“.
За тие што не се запознаени, летот на Блу Ориџин (во сопственост на Безос) имаше женски екипаж, прв пат во историјата - со Санчез и Пери беа презентерката и новинарка Гејл Кинг, научничката Аиша Боу, активистката против сексуално насилство и истражувачка во областа на биоастронаутиката Аманда Нгујен и филмската продуцентка и вселенски ентузијаст, Кериен Флин. Од долу навиваа Крис Џенер и Клои Кардашијан.
„Тоа вселенската мисија сабајлево? Како да сме пред крај на светот. Ова надминува и пародија,“ им кажа Емили Ратајковски на нејзините 2,7 милиони следачи на ТикТок. „Да тврдиш дека се грижиш за Мајката Земја и да тврдиш дека е заради тоа, а се качуваш на вселенски брод што го изградила компанија што сама ја уништува планетата? Видете во каква состојба е светот и колку ресурси се потрошени за жениве да стигнат до вселената.“
Тимот зад сето ова, што веројатно го води Санчез, се обидува да го протне маркетингот за вселенски туризам како моќна победа за жените.
И ова никој не го бараше: не додека има криза за животни трошоци, не додека се одземаат женски права и не додека сме во климатска криза што веќе убива и раселува милиони на глобалниот југ. Самиот Холивуд буквално гореше пред само неколку месеци.
Да, не е добро, со оглед на тоа што имавме човек на месечината во ‘60-те, што досега немало целосно женски тим во вселената. Ама, сега ли, озбилни ли сте? Ова само зборува за делузијата на супер-богатите.
Мене ова многу ми личи за митот за Марија Антоанета што на прегладнетите француски селани им вели да замолчат и да јадат колачи ако им снема леб. Особено делот каде што, откако се врати на земјата, Пери - жената што со себе зема и список на концертите за турнејата за малку да се промовира во вселената - тврдеше дека „не се работи за мене, не се работи за моите песни, туку за колективната енергија тука, за нас, ова е сѐ за доброто на Земјата.“
Јас лично не го чувствувам бенефитот од тоа што Кети Пери и Лорен Санчез полетаа низ вселената. Не го чувствува ни Оливија Ман, која патувањето го опиша како „алчно“ и рече:
„Истражувањето на вселената беше за да го збогатиме нашето знаење и да му помогнеме на човештвото. Што ќе прават тие горе, а ќе ни помогне на нас овде долу? Знам дека ќе изнервирам некого, но толку многу пари чини да се отиде во вселената. Знаете дека има луѓе што не можат да си дозволат јајца.“
Режисерката на Don't Worry Darling, Оливија Вајлд исто се вклучи, споделувајќи слика од Пери како го бакнува подот откако слета на земјата со текстот „Со милијарда долари можеш да купиш добри мемиња, ај.“
Во обид да ја одбрани глупоста, Гејл Кинг рече дека тие што се бунат „не разбираат што се случува тука“, и дека барем се радувале млади жени и девојчиња, на она што тој момент го претставува.
Санчез исто ги нападна тие што критикуваат, спомнувајќи ги сите вработени во Блу Ориџин што не само што посветено работат туку и душата ја истураат во леталото и многу им значи да работат со него.
Природно, каков што го дал господ интернетот, на обичниот свет не му бега ни иронијата на богати што се бунат против богати што летаат по вселени. Сепак, искрено, драго ми е што Емили Ратајковски и компанија рекоа по нешто. Целата работа е ужасно смешна - а полошо е само што листата на славни што се местат за следното патување станува сѐ подолга.
Земјата до Холивуд: Да отидеш на вселенска мисија без поента што чини милијарди долари додека светот е во пламен стварно не е толку јако колку што мислите.