
Иако почнува со птица, нема никаква врска со орнитологија. Трендот се потпира на концептот на Bid Theory (да, прво bid, не bird) - теорија развиена во 1990-тите од д-р Џон Готман, познат американски психолог кој со децении ги проучувал навиките и динамиките на паровите. При истражувањата забележал нешто едноставно, но длабоко: успешните врски се оние во кои партнерите постојано прават и прифаќаат мали „понуди“ за поврзување.
Овие понуди, или bids, можат да бидат било што - коментар за времето, шега, допир по рамото, или реченица како „Гледај, птица“. Секој таков гест е, во суштина, повик за внимание. Готман открил дека паровите кои реагирале позитивно на овие повици - со интерес, со емпатија, со насмевка - биле оние што најдолго останале заедно. Оние што ги игнорирале или одбивале, со тек на време ја губеле блискоста.
ТикТок го претвори овој научен увид во игра. „Bird Theory“ стана начин да се тестира вниманието, без конфронтација и без љубовни изјави. Кога некој ќе каже „Видов птица“, прашањето не е каква била птицата, туку дали другиот ќе застане, ќе слуша, ќе праша нешто. Во тој миг се мери присуството - она секојдневно, ненаметливо внимание што го држи односот жив.
На снимките може да се видат најразлични реакции: некои партнери веднаш се заинтересирани, прашуваат каде, каква птица, па дури и излегуваат на тераса да ја побараат. Други едвај креваат поглед од телефонот и во тие неколку секунди, се илустрира токму вистината за нивниот однос. Понекогаш не е фер, затоа што може ти вика да ја видиш птицата кога имаш важна работа да завршиш, но генерално, овие работи се забележуваат.
И на крај, се поставува и подлабокото прашање - што може да е толку важно, да не можеш да кренеш глава и да видиш птица што воодушевила некого, особено твој човек?