Тешко е да се патува како инфлуенсер

Не е ни чудно што ги плаќаат за да се сликаат. Ешли Матео од Космополитен се обидува да копира Инстаграм постови од популарни ликови и не поминува баш среќно.

„На 2 сантиметри од лицето имам игуана и не е баш пресреќна, како што не сум ни јас. Тој што се грижи за неа се обидува да ми ја стави на шеширот, кој очигледно не е доволно голем за овој потфат и без разлика што не ми е страв, не сум воодушевена од идејата дека ќе ми ги зарие ноктите на лице за да се задржи ако почне да се лизга. Но, ако се помине како што треба - стискам палци, ова ќе биде одлична фотка за Инстаграм. И само заради тоа и го правам ова.

Сакам фотографија и сакам да патувам, па следам еден тон травел инфлуенсери. Нивните животи изгледаат магично, додека скокаат од една до друга егзотична дестинација, посветено документирајќи го секое прекрасно зајдисонце, појадок во вода и купка со цвеќиња. Доволно е да посакаш да напуштиш работа и буквално да ги следиш нив.

Така и решив да правам. Добро, не се откажав од работа, но искористив едно викенд-патување во џунглата на Белизе за да се обидам да имитирам неколку Инстаграми од инфлуенсери кои ги посетиле истите места. И богами, да ви кажам, почнав многу да го ценам начинот на живот на овие ѕвезди од социјални мрежи. Дури и начинот на работа, затоа што, да си знаете, да влијаеш на Инстаграм е дефинитивно работа.

Се сместив во хотелот Сан Игнацио Ресорт, кој е на околу два часа од Белизе Сити. Случајно имаат и многу Инстаграмлив базен со чадорчиња и жолти пешкири кои се во совршен контраст со зелената џунгла зад нив. Не сум прва што го забележала тоа - инфлуенсерката за велнес, Линдзи Кала била во хотелот минатата пролет и направила прекрасна фотографија таму на базенот.

Си реков, оваа слика ќе биде најлесна за копирање. Само требаше да плутам во базенот и да најдам некој да ме слика, така? Не. Првиот ден, побарав од другар ми Бен да стои на балконот и да ме слика како се обидувам грациозно да плутам пред некој да се симне да си поплива, околу 4 попладне. Мислев дека било сосема успешно, но се разочарав кога ги видов сликите - беа претемни. Кај е светкањето на површината на водата? Зошто изгледам толку здрвено? Зошто е толку тешко?

Се обидовме повторно наредниот ден, точно на пладне, кога сонцето беше највисоко затоа што стварно сакав проклетата вода да светка. Беа потребни многу обиди, но конечно добивме слика каде што не изгледав како кукла во вода. Потоа требаше уште еден саат за да се доведе светлото до совршенство со апликации и програми (купив Лајтрум, затоа што видов како сите го фалат). И ако ме прашата, сликата на Линдзи е сè уште подобра.

Следното попладне отидовме да го истражуваме Кахал Печ, еден од најстарите локалитети на Маите во Белизе. Имав видено слика на еден Инстаграм профил и сакав да ја копирам таа мистериозна енергија што девојката ја фатила додека ги истражувала комплексните антички храмови и палати.

Оваа слика беше најлесна за сликање, затоа што само морав да стојам во одредена положба (иако листовите ме болеа после 15 минути). Но беа потребени уште цели двајца луѓе за уметнички да ја изрежираат - качување и симнување по скали, внимавање на каменот што можеше да се изрони во секој момент - само за да се добие вистинскиот момент. Кога завршивме, положбата ми беше совршена, но ич не ми се допадна светлото - повторно бевме дојдени во погрешно време од денот. Не можев да се вратам за повторно да сликам, па поминав еден час на Јутјуб барајќи различни туторијали за алатки во Лајтрум за да ги истакнам зелените нијанси на сликата и да ја угасам од сонце. Излезе… во ред.

Последната слика што сакав да ја направам беше уште една како на Линдзи Кала: со игуаната. Хотелот е дом на проект за заштита на игуани, со голем број на спасени игуани (во Белизе се загрозени) на имотот. Сликата на на Линдзи со игуаната околу нејзиниот шешир беше олицетворение на „за сликање”. Мислам, зошто инаку некој би ставил рептил на глава?

Игуаната се викаше Ким К, што ми беше соодветно затоа што знаеше да позира. Јас бев крива што не ѝ дадов соодветна платформа. Сликавме едно 100 пати за да го добиеме вистинскиот агол, вистинското светло, вистинскиот фокус… и ми беше многу неудобно. Не заради игуаната, туку затоа што знаев колку многу лице има во кадарот. Јас не сум манекенка и сакам да се сликам од далеку, со повеќе фокус на она што го правам отколку на мене. Мислам дека излезе како што треба. Нема сенки налицето, а игуаната е во супер контраст со мојот шешир. Но од сликата ми е незгодно, само затоа што е од многу блиску. Незгодно ми беше додека се сликав и уште ми е незгодно што ми е на Инстаграм. Никогаш не сум била посвесна колку сум поинаква од луѓето што ги плаќаат за да се сликаат.

Да се сликаш и да објавуваш за Инстаграм е напорна работа. Не само што треба да изгледаш добро, туку треба да имаш и око за фотографија, вистински да знаеш како да користиш камера и да знаеш да ги обработуваш сликите за да ги бива. Сето тоа бара време. Јас повеќе време поминав на овој викенд гледајќи во телефонот, под стрес дали сум направила совршена фотка, отколку што уживав во луксузниот хотел, или прекрасното опкружување. Кога конечно ги направив тие три планирани постови и го оставив телефонот - тогаш почнав да уживам и да се релаксирам.

А не беше прв пат да се опседнувам со Инстаграм на одмор. Секогаш се обидувам да направам совршена слика, таква што ќе го покаже прекрасното место на кое се наоѓам и ќе ми заработи лајкови од следачите. Ова патување ме натера да сфатам дека сум почнала да ги претворам речиси сите мои одмори во работа и дека додавам стрес на моменти што треба да бидат забавни.

Затоа, можеби вистинскиот предизвик не е да направам совршена слика за Инстаграм. Можеби треба да научам како да го искусам местото не преку телефон, туку вистински да бидам присутна во моментот.”

-Ешли Матео

31 мај 2018 - 23:18