Терапија за балкански мајки

Ова обраќање се појави во вид на слајдови на Инстаграм пред некое време, а автор е психотерапевтката Селма Баќевац. И вели, патријархатот не се однесува само на мажи што ја контролираат моќта - туку и на жени условени целиот свој живот да го поминат во служба на другите. Затоа што на Балканот, вредноста на жената се мери во тоа колку може да жртвува, да издржи и да молчи.

Моја драга сестро од Балкан,

Да зборуваме за невидливите начини на кои патријархатот ја создава интергенерациската рана на балканската мајка.

Нашите баби биле учени дека вредноста на жената лежи во нејзината жртва - па нашите мајки го претворија страдањето во знак на сила. Одморот, радоста и мекоста биле луксузи кои не им биле дозволени, па не знаеле ни нам како да ни ги овозможат.

Љубовта станува контрола, затоа што слободата на една жена била преопасна. Нашите мајки не се обиделе само да нè заштитат - се обиделе да не оформат во жени што светот не би ги казнувал. Но, така станале и помагачи на истиот систем кој ги повредил.

Не сме растени да бидеме видливи, растени сме да бидеме добри. Колку попослушни, толку побезбедни. Колку потивки, толку поприфатливи. А, кога ќе се побуневме, не беше само отпор - туку отфрлање на сè што тие жртвувале за нас.

Нашите мајки биле принудувани да се натпреваруваат, не да се поврзат меѓу себе. Системот ги натерал да се борат за машкото одобрување, за сигурност, за преживување. А, кога ние ја почувствувавме сопствената моќ, некои од нив нè видоа како закана, наместо како победа.

Срамот стана алатка за воспитување, затоа што само со страв знаеја да нè држат безбедни. Ако не се чувствуваме ситно, ако не бараме премногу, можеби светот нема да нè казни како што ги казнувал нив.

Системот ја претворил емотивната негрижа во преживување. Љубовта не доаѓала со нежност, доаѓала со дисциплина. Нежностите значеле слабост. Ранливоста била ризик. И така, нè израснаа силни, но никогаш гушнати.

Системот ги принудил нашите мајки да воспитуваат со истоштеност, не со изобилство. Не им дал ни време, ни одмор, ни ресурси, па ги терал да се чувствуваат неуспешно кога не им останувало ништо друго за давање.

Залечувањето може да изгледа како предавство, затоа што системот никогаш не ги научил дека љубовта може да еволуира. Го кршиме циклусот, а тие се чувствуваат како да ги кршиме нив. Но, не ги оставаме зад себе - ги носиме напред.

Раната на мајката не се однесува само на твојата мајка - туку на системот што ја создал, светот што ја скршил и тишината во која била принудена да преживее. И кога самите ние ќе се излечиме од тоа, не се лечиме само за себе.

Се лечиме и за нив.

Циклусот е емотивно истоштувачки и за мајките и за ќерките. Мајките имаат чувство дека нѐ губат, а нам ни се чини дека треба да бираме меѓу тоа да бидеме добри ќерки, или да останеме верни на себе. Вината, притисокот, емотивната тежина - сѐ е тоа дел од систем осмислен да ги држи жените одвоени една од друга и од самите себе. Но, ова не е само личен проблем. Ова е системски, генерациски проблем, поголем од било која мајка и ќерка. Дел од залечувањето е препознавање дека треба да престанеме да се обвинуваме себеси, меѓу себе и да почнеме да ја гледаме вистината: Никогаш не требаше да бидеме во војна едни со други.

Требаше и треба овој магичен круг да го растуриме заедно.

-Селма Баќевац

5 мај 2025 - 10:40