
Обидот да се намали стигматизацијата на покрупните тела - на пример со зголемување на опсегот на величини кај облеката - помага да се промовира позитива околу изгледот, но сепак, истражувањата истакнуваат ненамерна негативна последица што може да го спречи препознавањето на ризиците по здравје доколу човек е дебел или гојазен.
Истражувањето го изведува Д-р Раја Мутарак од UEA и Меѓународниот институт за применлива системска анализа во Австрија, и во него се испитуваат демографските и социоекономските карактеристики поврзани со потценувањето на тежината.
Што значи тоа?
Анализирани се податоци од речиси 23,460 луѓе со прекумерна тежина или гојазни, и се открива следното: Мажите и лицата со помало образование и приходи се посклони да не сфаќаат дека се потешки од нормалното и според тоа се помалку склони да се обидат да ја намалат тежината.
Ова се јавува и кај членови на малцински етнички групи исто така, во однос на белците, со тоа што овие повеќе се трудат да ослабнат.
Д-р Мутарак која е постар предавач на Школата за меѓународен развој на UEA, вели дека наодите имаат важни импликации за политиките за јавно здравје.
„Забележувајќи го огромниот потенцијал на пазарот за покрупни луѓе, компаниите може да придонесуваат кон гледање на гојазноста како нешто нормално,” вели таа. „За да се постигнат ефективни програми за интервенција во јавното здравје, од клучна важност е приоритет да биде нееднаквоста во контекст на гојазност - идентификувањето на групите кои се посклони да не го забележуваат проблемот како таков, може да помогне да се дизајнираат стратегии за спречување на гојазноста, со таргетирање на специфичните потреби на различни групи.”
Додава и дека причините за социоекономската нееднаквост кај гојазноста се комплексни. Не е само до пристапот до здравството, туку и условите за живеење и работење, плус здравствената писменост исто така влијаат на здравјето и однесувањето околу него.
Како заклучок, фино е да се живее во свет каде што нема наци пристап кон изгледот, со тоа што, беше неизбежно луѓето што се склони кон самотешење да си речат „Ако може Ешли Греам, можам и јас.” И ќе оставиме институциите да го решат јавното здравје (локално: хахаххаааа!), а што се однесува до нас како индивидуи, би можеле да подзастанеме и да видиме до кај смее да се оди. И да се потсетиме колку е умно да се биде умерен во сè.