Судница-шик?

Може па на некој ќе му се најде.

Гвинет Палтроу и „најбогаташкото судење на светот“ инспирираше статија во ај-ди.вајс за „Иконични комбинации за во судница“, или кога веќе се расправавме со термини како „бапско-шик“, што па да не се вика „судница-шик“. Инспирација може да се влече од Палтроу лично, како најтазе, па до Винона Рајдер и Карди Би.

Винона Рајдер во 2002 крадеше од дуќан и поради тоа заврши на суд. Украде роба вредна 5,500 долари (Гучи фустан, Марк Џејкобс џемпер) и медиумите се изгоштеваа. И тоа не само со обвиненијата, туку и со изборот на Винона за гардероба. Овде на пример е како ученичка со Марк Џејкобс фустан и Мери Џејн чевли. И нормално, години подоцна, во 2015 беше заштитно лице на Марк Џејкобс. Па и во 2022.

Лил Ким ја судеа за лажно сведочење и одлучи дека ќе се облече достоинствено, ама Лил Ким-достоинствено.

Кај Линдзи Лохан, ѓаволот е во деталите: Кога ѝ се судеше за пијано возење во 2010, се појави со тазе маникирани нокти, со fuck u напишано на еден од нив. Ја прогласија за виновна и пресудија да помине 90 дена во затвор. Наредниот пат кога влезе на суд поради прекршување на условната казна, се воздржа од маникири.

Во 2010, на Наоми Кемпбел ич не ѝ се седеше во судница, ама затоа дојде во Азедин Алаја и ланче против уроци, седна на клупа и рече: „Сакам да завршам со ова и да продолжам со животот. Многу ми пречи.“

Најтазе е Гвинет Палтроу, обвинета за судар со скијач и оневозможување на скијачот да живее (и да дегустира вино) раат. И толку се направи фама од изборот на гардероба, што имаше нишки со „кај да купите“ и се расфрлаа со имиња како Рау, Селин и Прада.

И се разбира, КАРДИ...

Шоу самата по себе, во 2019 ја судеа за прекршок облечена во наметка од ној, а годинава се појави во бела ролка и огромна бела бунда (ако се инспирира некој, гледајте да биде вештачко, да не се сељачиме).

5 април 2023 - 00:00