Стриптиз-деливери

Иновативна група стриптизети почна да разнесува храна откако клубот им го затворија заради корона.

Во Портланд, Орегон, заедно со сите ресторани и барови, страдаат и ноќните клубови, каде што влегува и Лаки Девил Лаунџ, чиј менаџмент одговорно си стави клуч на врата.

Сепак, под новите околности, бизнисите што прават храна можат да си помогнат со испорака, па така и на овие им текнало: Boober Eats PDX почнува со работа и од 7 попладне до 1 по полноќ, муштериите можат да си нарачаат сѐ што можеле и во клубот - стекови, пилешки прсти, корндогови, а им ги испорачуваат - стриптизетите лично, и тоа во униформи што кај други деливери сервиси ич не би прошле.

Нудат „храна со додаток цицки“, и прво почнало како шега на Фејсбук, ама кога луѓето почнале искрено да прашуваат како да нарачаат, на газдата (чија што била шегата) му текнало дека и не е така лошо да се проба. И сега, еднаш ќе се јават од мајтап, еднаш се многу гладни, еднаш на некој му е роденден, друг пат се едноставно - многу надувани.

Сопственикот, Шон Болден е среќен што може да задржи поголем број луѓе на работа. Освен готвачи и помошници, и шанкерите што одговараат на повици, на испорака работат 25 танчерки, а до местото на нарачката ги носи чувар. И како и на лице место, муштериите не смеат да ги пипнат.

Една од танчерките, Кики, за Орегон Лајв вели:

„Да изгубиш работа е ужасно. Повеќето од нас сосема го изгубија приходот. Ама еве ме, ја помагам мојата заедница и се обидувам да заработам најдобро што можам.“

Којзнае како се снаоѓаат нашите стриптизети.

26 март 2020 - 00:00