Неделна доза ентериер:

Стан на Менхетн за сите префинети потреби

Дупла доза ентериер оваа недела, затоа што ова не се пропушта.

Се сеќавате што учевме за префинето?

Е па, станов. 

Се вика The Witness Apartment и е уникатно студио во Њујорк што „си ја менува кожата” на секои 3 месеци. Сè што гледате на сликите се продава.

Може да се изнајми и како таен хотел, да се позајми за настан, фото-сесија, клуб на читатели, забава… што и да ви текне.

Концептот (и тоа каков концепт!) е на Ани Ценкова, талентирана претприемачка што живее во Њујорк. Сè што има внатре го има избрано лично таа, а и признава дека може да е малку опсесивно-компулсивна кога се работи за внатрешен дизајн - и веројатно заради тоа Witness, станот со име „Сведок” (што е многу супер) изгледа така фасцинантно. Обично, ќе открие сосема нов мебел, ќе ги декорира полиците со сосема нови детали, ќе се спои со неколку уметници и одеднаш има цела нова тема на станот.

Сите 200 квадрати се како еден вид камелеон, служат и како платно за експериментални проекти, работилници и настани, како и за нивната секојдневна употреба како простор за создавање, префинета лајфстајл продавница и - смештај за одмор.

Ани планира и да го дополни концептот со уметничка резиденција за секакви креативци.

А Сведок изгледа баш како оние станови од Инстаграм што ве тераат да се прашате „кој живее тука, бе”, со тоа што овде можеш да влезеш во сликата, да позајмиш инспирација и да направиш нешто свое.

А ако одите овде, каде што е огласен за изнајмување, ќе видите дека во меѓувреме, откако се направени сликиве погоре - сосема се изменил.

29 ноември 2018 - 00:00