Според Карла Бруни, модниот свет нема свој Харви Вајнстин

Додека медиумите го влечкаат Харви Вајнстин по земја, се јавува Карла Бруни, со една фина вест дека во модниот свет девојките не страдаат од непријатни средби од ваков вид.

Во интервју со Инстајл, објаснува дека е поинаку, и тоа до тој степен, што би ѝ дозволила на нејзината ќерка Џулија да си ја проба среќата.

„Не можеш да ги контролираш децата. Мора да си ги живеат своите животи и да го работат тоа што ќе го изберат. Се разбира дека има ужасни луѓе во модниот свет како и секаде, но модата не е толку опасна за млади девојки. Има многу работа, многу патување и ти треба многу дисциплина. Би рекла дека тоа е едно од местата во шоу-бизнисот што е безбедно. Луѓето не сакаат да ги злоуотребат девојките – сакаат да ги фотографираат. Тоа е здраво опкружување.”

Додава и дека никогаш не и се случило фотограф или дизајнер да го направи тоа за кое што го обвинуваат Харви Вајнстин. Но, откако ќе каже дека и повеќето агенти ги заштитуваат девојките затоа што тие мораат да работат, завршува со „можеби грешам.”

Можеби навистина поретко се случуваат непријатни настани од овој тип во модната индустрија, но далеку од тоа дека е совршено, фино и дисциплинирано.

Со еден Инстаграм пост, на пример, кастинг агентот Џејмс Скали натера дури два бренда да ветат дека ќе направат некаква внатрешна промена. На пример (што можеби и ќе ви дојде локално познато), ги обвини кастинг-директорите на Баленсијага дека оставиле 150 модели да чекаат во темен ходник, затоа што биле на ручек (кај нас попознато како ПАУЗА). Ги обвини Ланван дека барале само бели манекенки. Според Скали, ова занесување почнало откако дизајнерите и кастинг директорите добиле многу поголемо влијание од порано, а моделите станале само пиони. И ќе продолжи да обвинува, сè додека не се искорени таа мода.

„Добив пораки од многу девојки вчера, во кои ми пишуваат дека би сакале ова да се случело 10 години порано, затоа што така би можеле да останат во оваа професија, дека ќе можеле да кажат што им се случува. Овие девојки морале да голтнат сè што им се случувало. Сега, новава генерација нема да мора.”

16 октомври 2017 - 15:50