Спиење по туѓи куќи и зошто не

Кога патувате по странство, наоѓате познати за преспивање или одите по хотели?

Иако навидум полесно и поевтино, преспивањето кај роднини и пријатели кога си во странство знае да биде напорно. Дури и кога те викаат (да се преправаме дека никој не е доволно шашав да се кани сам) и кога знаеш дека си добредојден, слободата што ја добиваш кога ќе платиш и ќе се сместиш е неспоредлива, особено кога во равенката ќе ставиш дека не пречиш никому.

Дури и за луѓе со деца, да си гостин знае да биде предизвик - се наоѓаш во нечиј туѓ простор, чувствуваш притисок да се социјализираш и не можеш така лесно да си направиш распоред. Некои луѓе и со Ербиенби се мачат - сепак е сè уште нечиј простор и имаш  повеќе одговорност.

Некои луѓе пријавуваат и дека е им е секогаш благо неудобно, затоа што мораат да го адаптираат однесувањето да одговара со животниот стил на домаќинот. Сите овие работи - да делиш простор, да внесеш деца во ново опкружување, притисок да се социјализираш - а сакаш да одмориш, адаптирање на распоредот за спиење, користење на туѓа бања, (не)соблекување чевли, или јадење сосема нова храна можат да предизвикаат стрес.

Според Шон Бурн, професор по психологија на државен универзитет во Калифорнија, се работи за губење на сопствената примарна територија.

„Примарна територија е физички простор централен на нашиот секојдневен живот што го ‘поседуваме‘ и контролираме - обично е тоа нашиот дом,“ вели Бурн за Јаху Лајф. „Примарните територии поддржуваат многу психолошки потреби, меѓу кои и потреба да контрола и предвидливост. Важно е дека се ова и ‘места за приватност‘ за парови и семејства, за релаксација и одмор, емотивно ослободување, себеевалуација и лична нега.“

Кога сме одвоени од ваков простор, влегуваме под стрес за основните потреби (приватност во бањата, јадење поинаква храна, доспивање) и не можеме да си ги исполниме навиките што ни го намалуваат стресот.

За олеснување на стресот, се препорачува (ако веќе се оди по куќи) да се комуницира со домаќинот, со оглед на тоа што незгодното потекнува од тоа што не знаеме што да очекуваме. Домаќинот е тој што треба да му каже на гостинот што може да очекува (пријателски изразено, нели) - дали ќе спие бебе, дали ќе трчаат деца по сабајле, дали има миленици, дали ќе имаат достапна кола… Наспроти ова, гостите треба да имаат почит кон домот и куќните правила на домаќинот, поточно на кратко да се потрудат да бидат дел од семејството, без да бидат инвазивни - да се вклопат, затоа што се гости.

Едно од поважните правила е секогаш да оставаш средено и да понудиш помош за чистење. Дури и да не прифатат, пораката е позитивна. Ако си ѓубре, ќе те запамтат.

И на крај, многу е важно да се биде свесен дека кога некој, особено пријател или роднина ќе ви понуди да преспиете, иако можеби чувствувате обврска да прифатите, можете да кажете не. Хотел во местото каде што одите, без разлика што посетувате фамилија може да откриете дека е многу поголемо уживање.

23 јануари 2024 - 22:26