
Ладниот, метален инструмент, кој механички ја отвора вагината, долго време беше стандард во гинекологијата, без разлика што е непријатен и на многу пациентки токму тој им е извор на стресот.
Новата иновација доаѓа од Лондон. Индустриската дизајнерка Меган Роситер, во соработка со лекари и експерти за женско здравје, го разви Yona - редизајниран гинеколошки инструмент кој нуди поинаков пристап кон вагиналните прегледи. Јона е изработен од медицински силикон, се загрева до телесна температура и има механизам за постепено и нежно ширење, што го намалува непријатното чувство за време на прегледот. Уредот е анатомски прилагоден и има за цел да овозможи преглед со помал стрес и непријатност.
Покрај Yona, на пазарот се појавуваат и други технологии за гинеколошки прегледи и тестирања: неинвазивни методи, оптичка биопсија, ултразвук со висока резолуција, како и уреди кои пациентката може сама да ги користи за земање примерок за ПАП-тест. На пример, има иновација развиена на Универзитетот Дјук во САД, што користи светлосни влакна за дигитално мапирање на цервиксот без потреба од механичко ширење на вагината.

Првите клинички испитувања на овие уреди покажуваат ветувачки резултати. Жените кои ги тестирале овие алтернативни методи пријавиле значително помала непријатност и стрес за време на прегледите.
Иако денешните верзии на спекулумот се подобрени - пластични материјали, понекогаш загреани, или со поестетски дизајн – принципот на механичко ширење на вагината останува ист од 19. век. Во време кога медицината се насочува кон персонализиран пристап и кога женското здравје се третира поинтензивно во сите фази од животот, ваквите застарени методи стануваат неефикасни.
Сепак, се нагласува дека додека новите технологии не станат широко достапни, редовните гинеколошки прегледи остануваат клучни за превенција и здравје. Новите уреди и техники имаат потенцијал да овозможат прегледи кои се поудобни, поефикасни и подостоинствени за пациентката.