Совети за тинејџерки што требаше нас да ни ги кажат

Кога бевме мали, совети за девојчиња читавме само по заборавени отворени списанија кај мајките, каде што често имаше и ствари што тотално немаа врска со нас, психолози и психијатри беа срамота, а интернет немаше, па немавме ни толку пристап до сите купишта ум што можеа да нè научат на по нешто.

Некои од нас имаа среќа да бидат опкружени со освестени возрасни, некои се учеа по улици, сега сите колективно тераме, а има работи што можеби не се поминати како материјал, а и да се, ред е да се повторат.

Затоа што, и тинејџерките со по 20-30 години искуство знаат да ја заборават лекцијата.

Во Гардијан, Хедли Фримен ги истакнува следниве 5 работи:

1. Низ животот, редовно прашувај се, „Дали навистина ми се допаѓа човеков со кој што спијам?”

И покрај моите напори, сум имала долги (подолги од шест недели) врски во животот. Но, кога се работеше за кратките, личеа како од седумте џуџиња на Снежана: Лутко, Глупчо, Спанко, Дрогчо, Фрустро, Језо и г. Јас Јас Јас. Никогаш не би се дружела со било кој од нив, а спиев со сите. Повеќе од еднаш! Со денови (па и недели) плачев кога ќе ме оставеа, убедувајќи се со збунети другарки дека, може не ми се свиѓале - ама сум ги сакала.

Кристен Рупенијан, која објави збирка раскази со наслов You Know You Want This, е паметна на темава: дека тоа што го викаме љубов е често всушност его, проекција, валидација и страв од осаменост. „Не те повредив, туку сум инструмент со кој сама се повредуваш,” и кажува маж на жена во еден од расказите, и иако е кретен, сепак е во право.
Не дозволувај незаслужни луѓе да станат инструмент со кој се повредуваш. Исто така, читај повеќе раскази, сè од Лори Мур, до Џ.Д. Селинџер.

2. Не се срами да бидеш човек

Многу им се восхитувам на жени како Хелен Филдинг, Нора Ефрон и Доли Олдертон, способни да пишуваат за нивните животи и чувства во скоро real time. Мене ми треба пола деценија да го испроцесирам срамот и уште пет години да сфатам зошто сум се чувствувала така. Ова е губење време и губење себе: да се срамиш од чувствата едноставно значи да не се поднесуваш себеси. Наместо тоа, гледајте го говорот на крајот на Call Me By Your Name, барем еднаш дневно:

„Толку многу откинуваме од себеси за побрзо да се излечиме, што банкротираме до 30 години и имаме сè помалку да понудиме секогаш кога ќе почнеме со некој нов.”

Чувствата се добри, дури и кога чувството при нонстоп плачење три недели за оној г. Јас Јас Јас од погоре не е. Кога ја сфатив оваа дистинкција, конечно се преселив од своите 20-ти во своите 30-ти (на 34).

3. Научи да готвиш

Да научиш да се храниш е форма на самопочит, а да можеш да нахраниш пријатели е прекрасен начин да им се заблагодариш што те слушале додека кукаш за дечко.

4. Најди нов наратив

Традиционално, приказните за жени се приказни за наоѓање љубов, а приказните за мажи се авантури. Јасно ти е. Но, дали знаеше дека приказните за мажи најчесто се пишувани во прво лице, а оние за жени во трето? Има голема поента во ова сознание.

5. Не се сомневај во себе

Како една млада жена ќе откриеш дека нема недостаток на мажи кои ќе се обидат да те натераат да се сомневаш во себе. Не се сите такви - ама ги има. Мажи ќе ти ги објаснуваат твоите дела, затоа што божем подобро од тебе ќе разбираат што си сакала да кажеш. Ќе ти биде криво што не си ѝ верувала на сопствената интелигенција, туку си дозволила лик со преголема самодоверба да го контролира твојот наратив.

Гледате, не се многу тешки овие 5 правила, плус, не се само за тинејџерки. И не мора да се учат по ред. Може да се почне од трето, на пример, ене полн интернет рецепти.

Па, едно по едно.

20 март 2019 - 21:30