„Со љубов, Меган“ (и покрај сè) добива втора сезона

На Нетфликс изгледа секој публицитет му е добар публицитет, па откако немаше новинар што не побара лоботомија после гледање на една епизода и откако ТикТок се преплави со видеа „гледав за да не морате вие“, одлучија дека една од најнезанимливите славни личности на денешницата ќе добие уште една сезона.

Во серијата, Меган Маркл нè шета низ нејзиниот дом, од купечка кесичка переци вади переци и ги префрла во поубава кесичка, реди цвеќиња, дава брилијантно склопени изјави како „кога ќе чујам ‘пчели‘ ми текнува на мед“ и чека славни гости што ги учи како се бива добра домаќинка.

Нетфликс сево ова го опишува како:

„Инспиративна серија на која Меган, Војвотката од Сасекс, е продуцент и одново го осмислува жанрот на лајфстајл-програма, мешајќи практични совети и искрени разговори со нови и стари пријатели.“

Патем, нема ни нов, ни стар пријател што не ја опсипува со комплименти и тоа е оставено во монтажа, а Меган божем не ѝ се верува дека така ѝ зборуваат - и тоа е оставено.

Продуцент е.

„Ако уживате во прва сезона, чекајте само да видите каква забава ви спремивме за втора!“ се појавува во нова објава, како сарказам да е. „Ви благодариме што ни се придруживте и бескрајна благодарност до неверојатната екипа што го оживеа сево ова!“

Во релативна одбрана на Меган, и пред Хари имаше лајфстајл блог со наслов Тиг и слични содржини.

Сепак, Нетфликс не се од вчера. Веројатно втора сезона ќе има уште поголема гледаност, чисто за да се мрчи на темата, додека после години не стане култна серија од жанрот „ви се верува ли дека и тоа имаше?“

10 март 2025 - 09:06