Комедијата е една од најголемите жртви на освестеноста. Комичарите сега мораат внимателно да се движат преку сè подолгиот список на табу-теми и забранети таргети. Суперѕвезди како Дејв Шапел и Рики Џервејс се обвинети дека се неумесни што исмеваат „освестени“ апсурдности. Сакани ликови од Симпсонови, па дури и свесно навредливиот Фемили Гај се менуваат откако ќе ги нападнат со „културолошко присвојување“. Во меѓувреме, многу тв-емисии со скечеви и сатирични програми изгледа сосема се откажуваат од кажување шеги, заменувајќи го хуморот со попувачка и „клаптер“ комедија (кога кажуваш шега со која публиката треба да се согласи и да аплаудира затоа што се согласува, а не затоа што е смешно). Значи, дали ќе пропаѓа комедијата? Или има надеж надвор од мејнстримот?
Лу Перез е комичар и автор на книгата „Таа шега веќе не е смешна: За смртта и новото раѓање на комедијата“. На подкастот на Брендан О‘Нил од Спајкд, за опасностите што може да следат вели:
„Ако погледнеш што се случува во мејнстрим комедијата, дефинитивно треба да сме загрижени. Но, има надеж. Можат секакви ужаси да се случуваат на таа сцена, со откажани стендапи и замолчани луѓе. А истовремено, технологијата им овозможи на комичарите фантастична можност да се емитуваат себеси пред нова публика. Комичари како мене и некои други можат да застанат пред микрофон и да кажуваат шеги како никогаш досега.“
На прашањето на О‘Нил, дали сме во ситуација на толку истенчена сензитивност и толку силна желба за контрола на јазикот, што комедијата станува невозможна, Перез одговара:
„Од тоа многумина се плашат. Ако се вратиме на Оскарите, кога Вил Смит стана и му врза шамар на Крис Рок, многу луѓе прашаа, дали со ова ќе треба да се справуваат сега комичарите? Ако кажат навредлива шега, дали некој сега ќе се почувствува моќен да се качи на сцена и да ги удри? Тој страв беше реален. Не помина многу време, па некој проба и на Дејв Шапел да му се качи на сцена. Има и многу комичари кои се самоцензурираат. Се плашат да ги допрат новите табуа. Но, ова отвора можност за други комичари кои имаат волја да кажат нешто. Само посакувам да стигнеме до точка каде што, ако луѓето се вреѓаат од шега, едноставно да не одат кај тој комичар. Наместо тоа, имаме луѓе што гледаат никој да не смее да го види или да го чуе тоа што ги навредило.“
Според него, комичарите треба и да размислат каква им е навистина улогата и за што се способни. Многумина сакаат и да го сменат светот, но не можат сите.
„Мислам дека има многу можности да се култивира публика и да ѝ се покаже почит,“ вели тој. „И така, иднината на комедијата изгледа светла.“