Во една типична зграда, во типична споредна уличка во Париз, недалеку од Лувр, порано се криел еден од најпознатите и најпрестижни бордели на златната ера. Денес таму има станови, ама од карши има бутик-галерија што ги чува тајните на оваа историска еротска страна на Париз.
Ако случајно ве носи патот натаму, се вика Au Bonheur du Jour и ја држи 50 и кусур-годишна поранешна кабаре-танчерка што совршено добро ја познава историјата на борделите во Париз.
Така, за еден, Le Chabanais, раскажува дека бил еден од најлуксузните што Париз го видел во времето на легалните бордели. Принцот од Велс (идниот крал на Англија, Едвард VII, син на Викторија) имал и сопствена соба со неговиот грб над креветот.
Принцот, што нагалено го викале Берти (а го глумеше Колин Фирт во „Говорот на кралот”, па сега вие видете), се бањал со париски проститутки во џиновска бакарна када полна со шампањско и уживал во тројки на специјална столица што ја викал love seat. Салвадор Дали подоцна ја купил истата бакарна када, неколку години по затворањето на борделот во 1946-та.
Жените „на мени” можеле да се видат со стереоскоп сместен во мала дрвена кутија. И ви текнува кога заклучивме дека ревиите на Шанел се Дизниленд за возрасни? Е па, баталете тоа. Париските бордели се Дизниленд за возрасни. Еден имал пиратска соба, со лулашка-брод и вода, друг бил на тема Ориент Експрес, за трет бил најмен лично Анри Тулуз Лотрек (и самиот чест посетител) да наслика 16 таблоа за будоарите. По првата светска војна се отворил уште еден, One-Two-Two, омилен кај војниците, отворен за сите фетиши и со „бесплатен четврток за ранети војници”. Во ресторанот каде што оделе Кери Грант и Едит Пјаф служеле келнерки облечени само во штикли. За време на нацистичката окупација, One-Two-Two бил многу популарен кај нацистите, па како во „Малена”, кога завршила војната, властите ги осудиле куртизаните и ги ишишале ќелави.
Една работа ретко (ич) не се наоѓа на вакви изложби - Guide Rose, или „розевиот водич”, полн со сите потребни информации за сите „бутици за задоволство” во Париз. Сопственичката на галеријата вели дека знае двајца дедовци што го имаат, ама не го даваат.
„Ретки се и луѓето не сакаат да се одвојат од нив.”
Баш како и што е случајот со некои од тие убави поминати времиња.