Синдром „Бабина чанта“

Ние мислевме ќе биде пак за некој камбек на ретро естетика, а тоа да ти било за педијатриски труења. Накратко, колку и да го обезбедувате вие домот за да биде безбеден за мали деца, на спиење понекогаш доаѓаат постари роднини сосе терапиите во ташна. Е, тоа не ви е обезбедено.

Кога во домот има мали деца, чувството дека опасност демне од секој агол е речиси постојано, дури и кога родителите внимателно ги имаат обезбедено сите простории. Но, постои еден ризик кој често останува надвор од фокусот, особено кога во посета доаѓаат баби, дедовци или други постари роднини. Тој ризик се крие на ноќните масички, во чантите и ташните - и може сериозно да го загрози здравјето на детето.

Феноменот е познат како „синдром на бабината чанта“ (granny’s purse syndrome) и се однесува на случаите кога мали деца случајно проголтуваат лекови што не им се наменети. Според една студија од 2016 година, лековите на бабите и дедовците се одговорни за 10 до 20 проценти од ненамерните труења кај деца во САД. Во анализираните 200 случаи, просечната возраст на децата примени во болница била само 18 месеци. Во најголем дел од случаите, лековите биле оставени на маси, кујнски површини или ниски полици - места што за возрасните изгледаат безопасно, но за децата се лесно достапни.

Слична слика постои и во Велика Британија. Британското токсиколошко друштво наведува дека околу две третини од случаите на случајно труење со лекови кај деца се поврзани со медикаменти кои не се наменети за детска употреба, најчесто лекови на родителите или на бабите и дедовците.

Иако во некои ситуации децата може да поминат без сериозни последици, постојат лекови кои се особено опасни за малото тело. Опоиди, трициклични антидепресиви, лекови што содржат железо и антиепилептични препарати можат да предизвикаат тешки здравствени компликации, па дури и да бидат фатални.

Лекарка од еден британски ургентен центар, д-р Меган Мартин, која на социјалните мрежи често зборува за оваа тема, објаснува дека проблемот е во самата телесна големина на детето. Поради тоа што детското тело е многу помало од телото на возрасен, дури и една единствена таблета може да претставува токсична доза.

Она што го прави овој ризик особено загрижувачки е фактот дека во голем број случаи тој лесно може да се спречи. Лекарите советуваат родителите да отворат едноставен разговор со бабите и дедовците - и кога одат на гости, и кога тие доаѓаат кај нив. Лековите треба да се чуваат целосно надвор од вид и дофат на децата, заклучени во високи шкафчиња. Чанти, ташни, ранци, куфери, но и фиоки покрај кревет или бањарски ормари, не се безбедни места за складирање.

Дополнително, се препорачува возрасните да избегнуваат земање лекови пред децата, бидејќи малите често се обидуваат да го имитираат однесувањето на возрасните.

Ако постои сомнеж дека детето случајно проголтало лек, здравствените служби советуваат итно да се побара медицинска помош - да се повика итна служба или да се оди во најблиската болница. Корисно е со себе да се понесат таблети или пакувањето од лекот, за лекарите точно да знаат со што се соочуваат. Не се препорачува обид да се предизвика повраќање кај детето поради ризик од задушување, ниту пак да му се дава храна или пијалак.

2 февруари 2026 - 10:41