„Мајка ми била плејмејт и девојка на Хју Хефнер од 1976-та до 1981-ва. Додека растев во Лос Анџелес, поминував многу време во Плејбој куќата. Мајка ми прв пат ме однела во 1988-ма, кога сум имала три месеци и оттогаш се враќам. Јас сум она што го викаат Mansion baby.
Мајка ми и Хеф се запознале кога таа се преселила во Лос Анџелес од мало гратче – имала 19 години, била учителка по веронаука и девица. Била на вечера со другарките и некој тип ја поканил на забава. Не ни знаела кој е Хју Хефнер. Отишла кај него дома, го запознала, ја прошетал. И потоа ѝ се приближил и ѝ рекол дека цела вечер „бара човек”, ама токму таа е девојката со која би сакал да ја помине ноќта. И веројатно така било. Танцувале на песна со наслов „Бебешко плави гаќички”, и тоа ѝ станало прекар. Хеф ѝ поклонил дијамантско ланче што го имам и денес. Имала 19 години кога го добила, па и мене ми го даде кога наполнив 19.
Плејбој куќата ми беше како фамилијарно место. Не беше лудо и откачено како што мислат сите. Имавме семејни вечери, гледавме филмови, пливавме во базенот – ништо посебно. Знаев дека сум на некое магично место, но мене ми беше прилично нормално. Гледав многу славни личности, на прв состанок отидов со таков човек што го запознав таму. Не кажувам кој е, само да речеме дека му остави на татко ми 15-минутна гласовна порака за да го замоли да ме пушти да излеземе, а јас секако му излегов зад грб. Има други зајачици и луѓе што работат за списанието што сè уште ги сметам за тетки и вујковци повеќе од луѓе кои ми се реално роднини. И цело време одам таму.
Хеф отсекогаш имал девојки, Веројатно и сменил многу од нив додека бев таму. Во еден момент мислам дека имаше седум. Тие што јасно ги паметам се Бриџит и Кендра, беа многу фини, но беше една многу чудна ситуација. Хеф беше уникатен лик, и браво, но било непријатно за мајка ми. Не беше моногамен и со тек на време тоа почнало да ѝ тежи. Со тек на време влегла нова девојка, и на некој начин мајка ми била заменета.
Но, го запознала татко ми таму. Татко ми бил женет со една глумица од серија и оделе на двојни состаноци со мајка ми и Хеф, имам стари слики од нив четворица. Еднаш излегле сами, па се гледале година ипол, па се венчале. Свадбата била во куќата на Хеф. Татко ми менаџира зајачици, и беше менаџер на Памела Андерсон, на пример.
Кога имав 16 или 17 години, сакав големи гради, бев избланширана плава – бев многу поинаква од она што сум сега. Размислував и да станам зајачица, но ми помина и многу ми е мило што е така. Супер е, и многу е моќно на некој начин, но не е за мене. Може да биде супер, но има една друга страна што знае да стане грда. Мислам дека да знам дека ѝ било полесно на мајка ми, би го направила тоа. Но откако видов како ѝ влијаело на психата, доволно ми беше да изберам поинаков начин на живот.
Мајка ми е многу убава, талентирана жена, но во нејзината ера на зајачици, скроз биле изложени. Муабетите за мајка ми во Куќата се прекрасни. Повеќето ми кажуваат дека таа била единствената што навистина го сакала Хеф безусловно. Не ѝ било лесно. Прекрасна е и многу талентирана – музичар, актерка и уметник, но мислам дека Хеф сакал девојка што ќе седи дома и нема да работи и тоа не го прифатила. Можеби за другите зајачици е поинаку, но мислам дека за нејзе не било баш среќен крај.
Се преселив во мал град кога бев седмо одделение откако се разведоа моите родители, а бев заштитена и размазена во Лос Анџелес. Одеднаш, одев во државно школо, и кога луѓето дознаа дека мајка ми била зајачица, ми викаа дека е ороспија и глорифицирана проститука. И се разбира и мене почнаа да ми се обраќаат така. Многу ме малтретираа и почнав да се дрогирам затоа што се чувствував исклучено поради различноста. А кога долго време ќе те етикетираат како нешто, почнуваш да стануваш таков. На крај почнуваш со, „да ма, спиев со дечко ти, сељанко глупа.”
На крај морав да одам во еден центар за рехабилитација за богати деца – за никаде беше. Само сакаа да ме тргнат од дроги со други дроги. Немаше пешачење, јога или нешто слично, што ќе помогнеше. Сега не сум скроз откажана од алкохол – уште пијам безглутенско пиво, уште пушам трева секој ден. Но не сум допрела стимуланси две години. Имам многу работа. Не жалам за ништо. Тешко беше, но полека гледам дека малите нешта што ми се случуваат во животот вредат. Малку сум изненадена што преживеав, но мило ми е. Во моментов знам дека дрогата не ми помага да направам нешто подобро. Не размислував нормално.
На моите настапи нема ни да ти текне дека некогаш сум стапнала во Куќата. Не гледам хумор во тоа. Семејството не го спомнувам на настап. Почнав со комедија навлечена на дроги, а сега имам друга перспектива. Неоадмна напишав шега, „Во последно време сум кохерентна. Дури и кога имам секс. Што е чудно, затоа што омилена секс-поза ми е во несвест.”