Што гледа Генерацијата З во Кери Бредшо?

Кога почна СиГ во 1998 година, беше прв концепт од ваков тип: Серија што ги прикажуваше жените во Њујорк на триесет и кусур години, како што навистина живеат (или барем како што би сакале да живеат). Во фокус ги ставаше нивните врски, пријателства и кариера. Дваесет и пет години подоцна, серијата повторно се наоѓа во центарот на вниманието - овојпат благодарение на Генерација З.

На прв поглед е неочекувано - зошто толку многу млади жени на дваесетина години, израснати во ера на ТикТок и осетливи на токсичност, би сакале да гледаат серија во која главната хероина лошо ги третира пријателите, постојано паѓа во токсични врски, и не знае да управува со пари? А, сепак, токму тоа ги фасцинира - Кери Бредшо не е совршена. Таа е неуредна, противречна и често неподнослива. И затоа е интересна.

На ТикТок, корисници анализираат сцени и прават сатирични видеа со наслови како „Ти си Кери Бредшо и ги лажеш другарките за маж“, или „Кери е вистинскиот негативец во шоуто“. Ова не е идеализација, туку критичка љубопитност. Генерацијата З ја гледа Кери како пример на нешто искрено хаотично - нешто што ретко се гледа денес.

Модата, секако, игра голема улога. Кери носи комбинации што се повторно модерни: винтиџ, необични силуети, комбинации на висока мода со секојдневни парчиња. Не изгледа како да е стилизирана - изгледа автентично. Исто така, серијата нуди поглед на еден романтизиран Њујорк што повеќе не постои. За генерација која се соочува со економска нестабилност, климатска криза и култура на продуктивност, животот на Кери, со нејзиниот еднособен стан, кафе со пријателки и вечери во Њујорк изгледа како бегство.

Нормално, постои и критика: на нејзината привилегија, токсичните врски, и како често ги става мажите на прво место (пред другарките). Но токму тие недостатоци ја прават реална - како архетип, но и како жена со која можеш да се расправаш, да се соживееш, или да ја набљудуваш од дистанца.

За Ген З, Кери не е хероина, но е феномен. А, во време кога автентичноста често е внимателно скроена маска, таа е и нешто поинакво: несовршена, гласна, и не секогаш во право, но секогаш апсолутно своја. А, знаеме секоја нова, млада генерација колку инсистира да биде своја.

13 јуни 2025 - 00:00