Што е тоа „gen z yellow” и зошто е тема на муабет?

„Gen Z” е генерација З (или пост-миленијалци). Yellow нема преносно значење. Заедно во комбинација се нешто што во моментов ни ги преплавува екраните и фидот.

Пост-миленијалци се деца родени од средина на ’90-ти до средина на 2000-ти и како тие што можат да ти го движат светот, трендовите и она што е важно во моментот, никој не може. А за разлика од Millennial Pink, нивното Gen Z Yellow не е толку звучно, ама еве го постои, нели?

Жолтото историски е аналогно со одметниците и аутсајдерите на општеството, несаканите и обвинуваните, негативците и чудовиштата. Плус, традиционално, бојата се врзува со Јуда Искариотски, нели, еден непријатен лик во христијанскиот свет, па во средновековна Шпанија ги терале не-христијаните да ја носат. Во Италија, крими приказните се giallo, како жолто. И во ретки моменти, жолтата си доаѓа на ред како нешто друго освен катиљ боја, на пример во визуелната уметност - ја сакаат Гоген, Миро, Ван Гог и сите тие ја трансформираат таа историски несакана боја во нешто прекрасно.

А не е најубава. Плус, тешко е да изгледаш добро во жолто, што веројатно е причината што луѓето ретко се фаќаат за тоа. Ема Вотсон беше облечена во еден голем жолт фустан во „Убавицата и ѕверот”, само што, тој фустан се роди пред да почне да се раѓа генерацијата З. Во жолто беше и Ема Стоун во Ла Ла Ленд. А ако одиме подалеку од костими, тогаш ги имаме Кирстен Данст во жолтото бикини, или Линда Еванџелиста во италијанскиот Вог, во огромен, жолт Валентино капут. Ама ова се ѕвезди. Можат ли обичните луѓе со жолто?

Полека се појавуваат рандом совети на интернет како да се носи жолто: комбинирајте со други бои, земете еден жолт додаток, немојте премногу жолто, нека биде жолт дезен… И така натаму - затоа што никој не знае да носи жолто. И заедно со сите овие совети, фактот: Никој не сака да носи премногу жолто и сите идеи за жолто се базираат на „носете го што е можно помалку”. А тоа многу личи на З-генерацијата, затоа што милуваат да изгледаат лошо намерно, на многу фино стилизиран начин. И затоа Баленсијага, кои најдобро прават ужасни работи што изгледаат добро - работат на жолто во моментов.

Gen Z Yellow има две форми: опасна, Баленсијага жолта, и помека, поудобна жолта. А самата во основа е аморфна, нестабилна и варијабилна, исто како и децата што ја претставуваат. И Прада се фати за неа, претставувајќи ја како светла, агресивна и предупредувачка.

На потивката страна на спектарот, Каја Гербер за Келвин Клајн се појави вака:

Жолта беше цела колекција есен/зима 2018 на Никола Жеские - капути, ташни, детали, кошули - со особено возразен, зрел пристап кон бојата.

А идејата дека треба да обрнеме внимание на жолтото, не доаѓа толку од писта, колку што луѓето се освестија откако Либерти Лондон објави дека продажбата на Gen Z Yellow е скокната за 908% а тоа е навистина многу жолто.

Според i-D, го сакаме ова ново, маркетиншки фино осмислено светло на жолтата затоа што светот е тешко место за живеење, затоа што веќе не сме опседнати со лесна убавина, а жолтото го рефлектира сето тоа.

И затоа сега ќе го поздравам моментот кога собирав една другарка, влезе со жолта кожна јакна (во рака, затоа што беше 25 степени) и свечено изјави „јас купив жолта јакна”, со глас што комотно можеше да се искористи за „јас купив куќа”. Затоа што приближно иста храброст е потребна.

Јакната ја повозевме, ама еден ден, кога ќе се расипе времето, ќе биде и облечена и тогаш кафето ќе го пиеме во чест на Gen Z YellowКојзнае што генерација иде после ова и која ќе биде бојата.

26 април 2018 - 09:50