Што е автосексуалност?

Зборот го рашири Кортни Кардашијан, но не го измисли - постои далеку пред да пишува за него на нејзиниот сајт.

Автосексуалноста е сексуална ориентација каде што си привлечен од самиот себе. Се доживуваш себеси еротично и преферираш „секс со себе“ пред секс со други луѓе. И важно е да се спомне дека самата сексуалност е спектар и дека сите луѓе имаат автосексуални тенденции.

Ако си на крајот на автосексуалниот спектар, може да фантазираш за себе и да уживаш исклучиво во себе-стимулација, наместо да имаш партнери. Сепак, според психотерапевти, „некои автосексуалци се и посветени на врски и добро функционираат и имаат секс со други луѓе.“ Со други зборови, автосексуалноста не е бинарна и може да постои заедно со други типови сексуалност. Како таква, сепак е една наклонетост што може да се манифестира на секакви начини. Фала богу, сè уште не се смета за посебен сексуален идентитет, па нема истражувања на темата, што не значи дека на некој нема да му текне.

Некои автосексуални лица ја опишуваат и како форма на сакање себеси. Социолошки гледано, може да е поврзана со „сексуалната рецесија“ што колективно се искусува, која пак е симптом на потпирањето на социјални мрежи како начин на комуникација. И без разлика што може да звучи збунувачки, воведувањето на вакви нови и слабо дефинирани термини не е така лошо, затоа што ако ништо друго, охрабрува разговор и ги шири хоризонтите.

Ако првата асоцијација ви е „асексуалност“ - има разлика. Според психијатрите што се занимаваат со оваа проблематика, и тоа е спектар - асексуалните лица можат да искусат сексуални чувства и да влезат во сексуални активности, но интимата најчесто ја бараат преку несексуални нежности. Кај автосексуалците сепак постои еротика.

Има три митови и погрешни толкувања за автосексуалноста:

Дека е форма на нарцизам - а не е, бидејќи нарцизмот е нарушување на личноста и нема врска со автосексуалност. Нарцистите имаат грандиозно чувство за себеси, сакаат луѓето да им се восхитуваат и немаат емпатија.

Дека е суетно - а не мора да си опседнат или заљубен во сопствениот изглед за да бидеш автосексуален. Може да тежнееш кон тоа затоа што сексот со себе е полесен и позадоволувачки отколку партнерскиот.

Дека автосексуалците не влегуваат во романтични врски - а реалноста е дека многумина што влегуваат на овој спектар се во врска што го рефлектира тоа; многумина имаат и желба за конекција со друга личност.

Накратко? Во ред е да се сакаш себеси.

2 септември 2024 - 11:49