Што да гледате: „Somewhere Between“ на Нетфликс

Двете острици на мечот наречен стриминг се и тоа што веќе не мораш да чекаш епизода на телевизија или да трчаш до видеотека; и што има толку многу серии и филмови што не знаеш од кој/а да почнеш, па на крај пак гледаш Френдс ко глуп.

После некое време инсистирање на филмови и серии од ‘90-ти/рани 2000-ти, решив да ѕирнам што има ново.

Ново имаше во Come Play, хорор што не треба да го гледате, од проста причина што е досаден и глуп, и серијата „Некаде помеѓу“, или во оригинал, Somewhere Between, достапна на Нетфликс што можеби и вреди да се проба.

Велам можеби, затоа што сум до пола. И до пола е доста возбудлива и несекојдневна, со тоа што не можам да гарантирам дека ќе биде добра до крај. Сериите и филмовите од 2020 често знаат да те залажат на почеток (како Dirk Gently на пример) за некаде кај 2-3 епизода, или на пола филм да си речеш „не можам ја ова“.

На кратко: централното семејство е јавниот обвинител што има доведено човек со ментални ограничувања до смртна казна, по обвиненија за убиство, неговата сопруга која е телевизиски продуцент и нивната ќерка - паралелно со нив се мајката на истиот обвинет од погоре и неговиот брат, што го игра Девон Сава, а вие го памтите од Final Destination и Casper. Интересното е што дејството има допирни точки токму со Final Destination и сценариото повторно го измачува Сава, што е супер намигнување на овој негов претходен ангажман, и ситно задоволство за многу филмомани.

Ми беше особено интересно што почнав да ја гледам без изгледан трејлер, така буквално сите важни моменти во првата и втората епизода се изненадување. Ако ви се прави така, тогаш прескокнете го трејлерот. Ако сте изгорени од гледање глупости и сакате да видите дали ви вреди да потрошите време на ова, еве трејлер:

26 ноември 2020 - 00:00