Сенките за очи од Антички Рим

Замисли да се најдеш на антички пазар на убавина, и тоа да најдеш розева сенка за очи што најверојатно се користела и како руж!

Археолози имаат откриено ваков пазар во 2023 година во Анадолија. Некогаш таму постоел жив трговски центар со продавници за козметика, накит и парфеми, нешто што како концепт го имаме и ден денес.

Но вистинското изненадување не е самиот пазар, туку она што било пронајдено во него: пигменти за шминка во нијанси на црвена и розова, речиси идентични со денешните руменила и сенки за очи. Различни тонови, внимателно измешани - доволно за да замислиш некој како стои пред полица и се двоуми помеѓу посуптилна или поинтензивна нијанса, како да е во Сефора. Ова откритие кажува дека ритуалите околу разубавувањето најверојатно отсекогаш биле дел од секојдневието. Пигментите се добивале од минерали, растенија и природни извори, што значи дека зад нив стоела вистинска умешност, не само естетика.

Е сега, палети со различни нијанси немало, ама пакувањето било многу интересно: луѓето користеле школки од остриги како мали садови за шминка. Едноставно, природно и функционално - дури и денес лесно би се вклопило во трендот на одржлива убавина и еколошки пакувања. Oна што особено привлекува внимание е фактот дека ваквите производи биле достапни на пазар, а не скриени во приватни простории. Тоа значи дека шминката не била резервирана само за малкумина, туку била дел од рутината, нешто што се купува, се користи и се носи секој ден.

И замислете колку векови се поминати, какви сè трендови нема човештвото преживеано (не смее шминка, па мора шминка, па пак не смее...) за денес да стигнеме повторно до „пазари“ каде што се мислиш за нијанси и имаш што да избереш. Денес го викаме и индустрија, тогаш било дел од секојдневие.

И за тие што мислат дека се над шминката како појава - еве доказ: човекот отсекогаш се шминка, па вие како сакате.

24 март 2026 - 13:50