Сексот и градот и Карл Јунг

Има причина што можеме да се пронајдеме во сите главни ликови во „Сексот и градот“.

Прашањето го знаете „Која од нив си?“ И можеби сте забележале низ години и прегледувања на серијата дека е тешко да се ставиш само во една од четирите жени-категории.

Тоа е затоа што воопшто не биле категории.

ТикТок-терапевтот (а какви други постојат) Џеф Гуентер, онлајн познат како Therapy Jeff ја објасни причината зошто не треба да се вклопиме во еден архетип на лик во „Сексот и градот“.

„Серијата е базирана на интерпретацијата на личноста по Карл Јунг,“ вели Џеф. „Има четири делови од личност. Анима, што е женскиот дел, и анимус - машкиот. Женскиот дел е нежен, девојачки, како Шарлот. Таа е женската крајност. И потоа анимусот, машкиот дел е Миранда.

Потоа, ја имаш темната страна - Саманта, хедонистот што прави што сака. И на крај, персоната, она што сакаме да го претставиме пред светот и како сакаме луѓето да нè гледаат - Кери.“

Објаснува и зошто овие четири делови од личност не можат да постојат едни без други, со што станува појасно зошто четворката од ликови е толку впечатлива.

„Не можат да функционираат секој сам. Така би се распаднале во своите претерани мизерии. А како што знаеме, доста се бореа во нивните животи, но кога се сите заедно и пијат коктели, оперираат во совршена симетрија. Затоа можеме да се поврземе со по една, затоа што ги имаме сите делови во себе, а една најмногу нè влече во однос на другите.“

Најверојатно на тоа се должи и нарушувањето на динамиката и недостатокот на енергија во „И едноставно така...“ - ја нема Саманта.

8 ноември 2023 - 08:06