Нови Холивудски правила:

Сега е лесно да бидеш глумец, ако ти се глуми на интернет

Ако си глумец во 2017-та, добрата вест е што никогаш не било полесно да најдеш работа. Имаш милион опции, само да не ти смета да бидеш славен на нешто што се вика go90. Или Crackle. Тоа се некакви платформи, што растат со молњевита брзина, додека екраните се повеќе се смалуваат. И кај е најбитно да влезеш деновиве? Нетфликс. Само треба да се помириш со некои работи.

Платформите се поинакви

Кракл (crackle.com) е нешто како Нетфликс за сиромашни. Не нешто најсиромашни, затоа што една серија на Џери Сајнфелд „Комичари во коли што зимаат кафе“ се прикажуваше таму, ама ете, не ја знаеме како Нетфликс, Хулу и Амазон. Самиот Вуди Ален попушти и последната серија ја направи со Мајли Сајрус, на Амазон. Значи, ќе почекате до Холивуд. Прво Кракл.

А дали воопшто треба да го чекате Холивуд? Изгледа не, ама за тоа подоле.

Социјалните мрежи ја олеснуваат работата... И ти требаат Вајн и Јутјуб

Може не го знаете Џејк Пол, може повеќе ќе ви текне на Логан Пол, а ако не ви текнува, тогаш може сте стари. Дечките се браќа, почнаа додека беше Vine популарно, а кога се затвори, продолжија на Јутјуб. Луѓето ги обожаваат. Заработуваат ненормални пари од видеата, и ги бараат во Холивуд.

Денес, најпопуларните Јутјубери си ги бројат следачите во милиони. Меѓу нив има многу што се талентирани за глума. А кој да знае, пред 10 години дека ако со твоето глупирање успееш да освоиш милиони миленијалци, Холивуд ќе ти дојде тебе.

Мораш постојано да ги потсетуваш луѓето дека постоиш

Постојано имаш притисок од следачите и фановите. Треба да те има, нонстоп, насекаде, на различни проекти. Снимаш серија? Супер, само не прави многу пауза, макар и да е договор со модна куќа, со голем производител или нешто трето. Светот се движи пребрзо, цело време има нови и нови ѕвезди. На времето ако Роберт Де Ниро направеше пауза, можеше да се врати после неколку години и пак да биде Роберт Де Ниро. А ти, ако си нова, млада интернет ѕвезда – како тебе има многу. И некој ќе ти го фати местото.

Нетфликс е најважната работа во моментот

Сите сакаат да работат веб-серија. Големите продукции веќе не држат монопол. Освен ако не ја погледнеме работата од еден поинаков агол, па да заклучиме дека Нетфликс и сличните се новите фигури.

Артуро Кастро, нов глумец што можеби не го знаете, но очигледно фактор: „ На последната аудиција ме прашаа колку следачи имам на социјални мрежи.“

Мерил Стрип не мораше да се секира за следачи, ама вие морате.

Не мора да работите само филм. Ама ако работите телевизија, тогаш се натпреварувате со Никол Кидман

Филмовите не се тоа што беа порано. Не е битно дали ова ќе го кажете носталгично или како еден сувопарен заклучок. Но со самиот факт што ѕвездите од големото платно се префрлаат на серии, а сериите порано беа отскочна даска за големите црвени теписи, малку е потешко. И истовремено, наградите, во која и да е форма се поголеми. Затоа што не ја гледаш Никол Кидман на касета додека се спремаш за следната сцена од твојата ситна серија. Сега и ти и она работите серии.

Ако Холивуд не те ангажира, најди некој што ќе сака

Хари Шам играше позади Бијонсе. Па се шуткаше по Јутјуб со уште двајца другари, додека не продадоа серија за Јутјуб Ред. „Сингл на 30“ е романтична комедија сместена во Лос Анџелес.

И работејќи на сопствената продукција, научил нешто многу важно: Новите генерации гледачи што Холивуд ги лови - не го ни есапат Холивуд. Овие луѓе не гледаат ни телевизија ни филмови. Гледаат сè што ќе начекаат на екран од компјутер или телефон. 

„Често шетам со Јутјуб ликови и фановите полудуваат околу нив, а во исто време немаат појма кој е Леонардо Дикаприо.“

Публиката за твојот проект од соништата те чека некаде, и сега можеш да ја најдеш

Серијата „Драги белци“ (Dear White People) моментално ја има на Нетфликс. Антоанет Робинсон, претходно манекенка, сè уште е на седмо небо поради успехот. И вели дека оваа серија е прва за која таа самата и сите што се вклучени се свесни дека е точно тоа што треба да го прават. Поуката е дека може човек не треба да отстапува од тоа што мисли дека е добро. А публика ќе се најде, се додека има квалитет.

Кога има неограничени теми, сите се глумци.

26 јули 2017 - 12:09