Само вие слушајте селф-хелп гуруа на Инстаграм

Пишува за Велике приче - Миа Попиќ.

Кога прв пат се сретнав со идејата дека во животот е добро да се практикува благодарност и да се биде свесен за она што е добро во нашиот живот, помислив како мора е убаво чувството кога ќе научиш околу себе да ги забележуваш добрите работи.

Денес популарната психологија и разните инстант-животни гуруа секојдневно нè потсетуваат дека е важно да се оствариш и да креираш идеална посакувана верзија од себе. Секој ден кога скролам по Инстаграм (а би си била благодарна ако тоа го правам поретко), ме напаѓаат од сите страни самопрогласени лајфкоучови, инфлуенсери, луѓе со спорен образовен профил и сите во еден глас викаат „важно е да си благодарен и тоа секој ден!“, „единственото што го имаш е овој сегашен момент, искористи го!“, „од тоа како мислиш зависи и каков живот ќе имаш, ти си креатор на твојата судбина!“.

Океј, дали баш морам да практикувам благодарност секој ден?

Одеднаш, идејата за практикување благодарност не ми е нималку симпатична. Ми делува како некоја присила, а луѓето што ја промовираат се сè само не автентични. Можам да ги замислам како снимаат рилсови, а меѓу снимањата тонат во сопствениот мрак кој никој не смее да го види, затоа што мора да се биде благодарен и позитивен баш секој ден. И така благодарноста како и многу други селф-хелп концепти станува изопачена и злоупотребена и веќе не ѝ служи на својата цел. Станува маска зад која се криеме затоа што императив во животот е да се биде позитивен, а кога сме благодарни, таа е пораката што ја праќаме на светот, нели? „Јас сум благодарна затоа што имам за што да бидам. А ти? За што си благодарен? Дали е твојот живот спектакуларен како мојот?“ И така практикувањето благодарност станува уште една значка што можеме да ја закачиме на нашиот идеален Инстаграм профил и да му покажеме на светот каков феноменален живот водиме!

Се запрашав како е можно примената на психолошките концепти да отиде толку далеку во погрешна насока? Можеме ли ние психолозите да направиме нешто по тој повод? Како да знаеме кому да веруваме меѓу сите сите инстант-животни гуруа? Како да ја стишаме сета таа бука на селф-хелп движењето која ни се дере: Биди среќен, биди позитивен, биди благодарен! Толку прашања, а секое раѓа нова грижа. Само еден одговор има што ме смирува, а тоа е критичко размислување. И токму затоа, во продолжение има еден критички преглед на селф-хелп концептите кои се всушност добри, а стануваат лоши кога ќе претераме со нивната примена.

Какви ти се мислите, таков ти е животот
Без разлика дали сте верник, па оваа реченица ја имате преземено отец Тадеј, или сте оделе на рационално-емотивно-бихејвиорална терапија која и самата ја практикувам, па сте научиле и утврдиле дека не нè вознемируваат нештата сами по себе, туку она што за нив го мислиме; може сте љубител на филозофијата на егзистенцијализмот и го сакате Виктор Франкл, кој има кажано дека меѓу стимулусот и нашата реакција на него постои простор во кој е нашиот избор како ќе мислиме. Може сте го читале Шекспир и сте ја засакале неговата реченица дека во животот ништо не е ни добро, ни лошо, туку нашето мислење го прави такво. Многу различни форми има на оваа идеја што нè учи дека од нашето размислување зависат многу работи во нашиот живот.

Ќе се осмелам да го демантирам Шекспир и да ве прашам - што ако некои нешта во животот се лоши независно од нашето размислување? Што ако, уверени дека моќта на нашето размислување е огромна, ги користиме баш тие свои мисли да го оправдаме лошото однесување на другите, за кои ќе речеме: „Не се однесува тој, или таа лошо, моето размислување го/ја прави таков/таква.“ Баш со овој пример гледаме што се случува кога една добра идеја станува погрешна во својата примена и престанува да ни служи. Токму спротивното, служи за оправдување на лошото однесување кај другите и останувањето во односи во кои патиме.

И баш тогаш кога ќе се почувствуваме лошо, кога не ни е денот, голема шанса има дека, уверени дека клучот е во размислувањето, ќе си речеме „мисли позитивно“.

Дали позитивното размислување навистина помага?
Нашите мисли се несомнено важни во поглед на тоа како се чувствуваме и однесуваме, но со претерано нагласување на нашата когниција, забораваме на своето тело и многуте сигнали што тоа ни ги праќа. Секое наше однесување има свој начин за појавување во телото. Ако сме исплашени, ни чука срцето, или брзо дишеме. Ако сме тажни, може да чувствуваме тежина во пределот на срцето. Ако сме депресивно расположени, може да чувствуваме тромост и тежина. Секое наведено чувство, за нас претставува важна информација и служи за тоа да ја препознаеме својата состојба и да разбереме што ни е потребно. Нашите чувства и нивните телесни манифестации се патоказ за нашите потреби и вредности. Кога и да се чувствуваме тажни, депресивни, исплашени… Сите тие состојби се пораки од нашето тело дека сме загрозени, или дека сме го изгубиле правецот во животот и важно да знаеме исправно да ги читаме за да постапиме во свој најдобар интерес.

Ако ги поттиснеме, а токмутоа го правиме со прочуеното „мисли позитивно“, пропуштаме шанса да дознаеме што нè мачи, буткаме емоции под тепих и како што обично бива, се враќаат во полош облик и во вид на психосоматски проблеми, несоници и така натаму. Има еден цитат: „Ако не научиме да го слушаме нашето тело како шепоти, ќе мораме да научиме да слушаме како вреска.“

Уверени дека сè зависи од нашите (позитивни) мисли, си кажуваме сè спротивно од она што ни го кажува телото и така учествуваме во влошување на сопствената состојба, уверени дека за себе правиме нешто добро.

Можно е, соочени со болните состојби, да избереме да го гушнеме своето внатрешно дете - уште еден концепт кој станува сè попопуларен.

Внимавајте како го гушката вашето внатрешно дете
Неодамна слушав една инфлуенсерка додека го опишува начинот на кој го гушка ранетото девојче во себе. И токму кога помислив како е фино што една инфлуенсерка промовира работа на себе, наместо патики и дуксери, слушнав како вели: „И тогаш му реков на тоа тажно девојче - насмеј се, биди весела!“ Одеднаш, тоа не беше техника за гушкање на внатрешно дете, туку техника за гаслајтинг и излудување на внатрешното дете. Детето во нас, покрај тоа што е извор на слобода и креативност (ако адекватно се погрижиме за него), е извор и на болни чувства и на сите состојби што како деца сме ги искусиле кога сме биле исфрустрирани. Наместо да им ги забрануваме чувствата (како што знаеле да прават нашите родители), или да ги форсираме на достигнувања и работа, она што им треба е емпатија и граници. Емпатија како вид на препознавање на емоциите (значи, „гледам дека си тажна“, а не „биди среќна!“)

И уште еден поим што ми пара уши, што го нема во психологијата. Дали сте спремни?

МАНИФЕСТАЦИИ!
Манифестациите или визуелизациите претставуваат идеја дека сè што нашиот ум може да замисли, може и да спроведе во реалноста. Поимот е близок со нашите стремежи кон целите и близок е до поимот на самоефикасност кој го работев во докторската дисертација, а се однесува на уверувањето дека имаме способност да остваруваме одредени цели. Разликата е во тоа што, кај самоефикасноста, морате да се изложите на конкретни активности, да вложите труд, да барате повратна информација, да учите од секакви адекватни примери, итн. Од друга страна, советите за манифестација се сведуваат на тоа дека е важно да се мисли дека нешто можеш и во добар дел, тоа се сведува само на фантазирање. Манифестациите ќе останат во умот ако не постои истрајно и доследно однесување што нè води кон целта. И кога ќе размислам подобро, добро е што не може да ни успее баш сè што цврсто замислуваме. Затоа што ако е точно, би било многу лесно да им се наштети на другите, затоа што ако им мислиме лошо, лошо ќе им се случи.

И ако мислите дека ги исцрпив сите поими, не! Доаѓаме до последниот, со кој многумина се служат за да се продадат себеси и своите услуги.

Биди автентичен
Автентичноста се однесува на отвореност, директност, дозвола луѓето да ни ги видат чувствата и да дознаат повеќе за нас. Кога сме автентични, тогаш сме храбри на луѓето да им кажеме како размислуваме, на автентични повеќе им веруваме и сакаме да бидеме во нивно присуство, допадливи се, затоа што гледаме како се искрени. Од нив и полесно ќе купиме производ или услуга, ќе ги послушаме, ќе им дозволиме да влијаат на нас. Проблемот е во тоа што автентичноста е како меур од сапуница, кога ќе пробате да го фатите - пука. Не можеме намерно да бидеме автентични, но можеме да пробаме и така стануваме извештачени. Секојдневно сме изложени на трогателни и лични приказни од луѓе на Инстаграм (кои најчесто пробуваат нешто да ни продадат) околу тоа како поминале низ трансформација, се промениле, научиле лекции, научиле да се прифатат. Прашањето е што прават во времето меѓу тие свои излагања на мрежите и дали живеат во склад со она што го пропагираат.

Неодамна спремав презентација и истражив што навистина значи да си автентичен - искреност, спонтанот, самооткривање, и самосвест. Со други зборови, автентичноста не е цел кон која идеме, туку составен дел од процесот на градење самосвест и саморазбирање. И токму поради тоа денес луѓето што се вистински автентични се ретки, затоа што нивната искреност и отвореност кон другите е последица на искреноста и отвореноста кон себе. А да си искрен и отворен кон себе не е ни пријатно, ни убаво, ни позитивно, често не е ни нешто на кое секое утро сме благодарни, затоа што знае да биде непријатен и болен процес на учење за себе.

Никој не станал подобар додека бил среќен
Не сте секој ден позитивни, среќни и благодарни? Не станувате секој ден во добро распложение? Тоа и не е така лошо. Во клиничката психологија се спомнува состојбата наречена манија и верувајте ми кога ќе ви кажам, не сакате да бидете манични. Тоа не само што не е добро за вас, туку од таа состојба не се ни расте, ни развива.

Тагата, патењето и болката од друга страна се состојби од кои учиме, колку и да се непријатни. Во животот не би ви посакала премногу тага и патење, но секако радо би ви порачала дека позитивните и негативните состојби се составен дел од нашиот живот, чија цел не мора да биде блесаво бркање среќа.

Неодамна прочитав паметна мисла од мојата омилена егзистенцијалистка, Симон де Бовоар. Таа има кажано дека точното значење на среќата не е утврдено, а уште помалку се знае какви вистински вредности опфаќа. Не постои никаква можност да се мери среќа, а секогаш е лесно да се прогласи среќна ситуација која сака некому да се наметне. Филозофијата на егзистенцијализмот, бавејќи се со човечката психологија ја отфрла среќата како важен поим, а примат ѝ дава на слободата.

И затоа ве молам да бидете слободни да ги преиспитате овие поими што ви се наметнати и од вас бараат нонстоп да бидете среќни. Преиспитајте го и овој мој текст. Зумирајте ги сите овие концепти со око на научник и проверете дали ви служат на некој начин. Бидете слободни да бидете благодарни, но не и секој ден.

И потсетете се одвреме-навреме дека ништо важно (ни во уметноста, ни во науката, ни во општеството) не е настаното кога луѓето биле среќни, туку кога биле загрижени и запрашани.

Во надеж дека овој мој текст ќе фрли светло на злоупотребата на разни селф-хелп поими и ќе ви биде корисен, важно е да напоменам дека ни тој не е настанат како резултат на среќа, туку лутина. А лутината е негативна состојба, зар не?

-Миа Попиќ е психотерапевт во Белград

17 јануари 2024 - 12:39