Ријана е прогласена за најбогата музичарка на светот

Сумата од 1,7 милијарди се должи повеќе на успехот на Фенти Бјути, отколку на музичката кариера

Ријана, чие вистинско име е Робин Фенти е официјално милијардер и најбогат женски музичар на светот, а главната причина за овој статус - козметичката империја ја почна во 2017, со сон да креира „компанија што ќе направи жените од секаде да се чувствуваат вклучени“.

Шминката ја опишува како нешто што ѝ било „оружје за себеизразување“ додека растела, и рече дека сакала да создаде сопствена колекција затоа што етаблираните брендови немале понудено комплетен избор на производи за сите бои и типови на кожа. Прво почна со течна пудра во 40 различни нијанси и оттогаш, бројката е порасната на 50.

Ријана има 33 години, сопственик е на 50 проценти од компанијата, заедно со францускиот конгломерат за луксуз LVMH. Првата година, Фенти достигна продажба од 550 милиони долари, многу повеќе од било кој друг бренд за шминка на популарни личности. Форбс сега проценува дека компанијата вреди „конзервативни 2,8 милијарди долари“.

Нејзините акции таму, во комбинација со 30-те проценти во линијата за долна облека Savage X Fenty и парите собрани за време на нејзината 16-годишна кариера како музичар ја носат до денешните 1,7 милијарди долари, што ја прави втор најбогат женски забавувач на планетата, зад Опра Винфри, која седи на богатство проценето на 2,7 милијарди долари (скоро колку „конзервативната“ вредност на Фенти).

Бернард Арно, претседателот и извршен директор на LVMH, и третиот најбогат човек на светот со богатство од 179 милијарди долари, вели,

„Сите ја знаат Ријана како одлична пејачка, но преку нашето партнерство со Фенти открив вистински претприемач, ЦЕО и фантастичен лидер.“

За успехот на Ријана коментира и Шенон Којн, ко-основач на консалтинг-фирма за потрошувачи, која вели,

„Многу жени мислеа дека нема колекции на пазарот што одговараат со тонот на нивната кожа. Беше светло, средно темно и темно. Знаеме дека реалноста не е таква. Фенти Бјути е еден од првите брендови што излезе и рече, сакам со тие луѓе да разговарам.“

Ријана не е првата славна личност што прави богатство од козметика. Кајли Џенер, најмладиот член на семејството Кардашијан-Џенер стана најмлада милијардерка на светот во 2019, на возраст од 21 година (иако овде има нејаснотии), благодарение на Кајли Козметикс, империјата што ја води главно од ајфон. Нејзината сестра, Ким Кардашијан го има ККВ Бјути, а актерката Џесика Алба на пример, го има брендот за велнес и убавина Онест Ко.

5 август 2021 - 07:43