Режисерот на „Амели” ќе прави лажен документарец за снимањето

„Амели” е класика, и кога се појави прв пат во 2001-ва стана француски филм со најголема заработувачка во Америка во тоа време. Да не правиме муабет колку луѓе тргнаа да се пакуваат и да се селат во Париз.

Рецептот беше келнерка од Монмартр со романтична душа, мистерија, љубов и позитивна енергија. Се разбира дека милион луѓе се вљубија во чудната девојка со впечатлива фризура.

Според режисерот, Жан Пјер Жоне, филмот е автобиографија за преселбата во Париз во ’70-тите, и чувството на воодушевување кај повеќето што ќе го посетат градот прв пат. Сега прави мокументарец за „Амели” - исто како тој на Питер Џексон за почетоците на киното. „Ќе биде глупости, смешно и евтино, се надевам,” вели тој.

Спомнува и дека би сакал да го спреми филмот до датумот на 20-годишнината од „Амели”. Инаку за Амели, добивал понуди приказната да стане серија, но ги одбил сите затоа што, според него, речиси е невозможно одново да се креираат тие визуелни богатства, плус нема шанси да биде исто без шармот на Тату.

„Не е добра идеја,” вели Жоне. „Прво, нема да биде истата актерка, ќе биде евтино затоа што нема да го имаме истиот буџет, а и во Париз е сега тешко да се снима затоа што секаде се гради, така што - грд е. Значи не, не сакам ни продолжение ни серија. Само сакам да направам лажен документарец.”

Веројатно ќе го добиеме во 2021-ва - тогаш „Амели” полни 20 години од премиера.

8 мај 2019 - 17:42