Речиси никогаш не е прерано децата да добијат обврски по дома

Домашните обврски се одличен начин децата да ги научите на тимска работа, одговорност и независност, според советникот за родители Џулија Денисон, главен уредник на Парентс.ком.

„Обврските се од огромна важност за децата,“ изјавува Денисон за Јаху Лајф. „Многу е важно да се почне од мала возраст, затоа што треба да ви стане дел од рутина и правило во семејството.“

Родителите од децата можат да побараат да завршат нешто уште на двегодишна возраст. Обврската треба да е минимална, со оглед на возраста - главно ќе биде собирање играчки и носење на соодветно место, но сепак на тој начин ќе почнат од моментот кога учат јазик и команди.

„Одлична животна вештина е да се научат децата на концептот на семејство и помагање на другите, и не треба да се чека,“ вели таа.

Како што ќе растат, децата можат да добиваат поголема одговорност. Од редење прибор за јадење, до носење на валкани алишта во корпа - можат да помагаат на повеќе начини. „Што и да ви е обврска по дома, децата можат да се инволвираат, освен ако не е остри ножеви или хемикалии.“

Помага и да размислите околу вештините, интересите и способностите на вашите деца. Ако на пример, детето е расеано, можеби не е најпаметно нему да му оставите обврска да го нахрани кучето или мачето. „Секое дете е различно,“ вели Денисон. “Многу е важно да внимавате каква обврска му давате.“

Друг совет е децата да имаат одредени нешта во домот за кои токму тие се одговорни. Едно дете секогаш да биде одговорно за изнесување ѓубре, или за рециклирање, на пример, за да си ја сфати обврската и добро да ја извршува. Истовремено, паметно е родителите да размислат за некаква награда за завршената работа, а никако да не им се дава обврската како казна. Што значи, ако сакате да му зголемите џепарлак на детето затоа што врши одредена работа, нема ништо лошо во тоа.

Бидејќи обврските помагаат во градење на независност и одговорност, на децата им даваат чувство на концепт за себе и самодоверба. „Морате да запаметите дека децата цел живот треба да слушаат што ќе им се каже,“ вели Денисон. „Немаат многу можности за покажување независност и одговорност во светот. А тоа што ќе им дадете обврска е навистина убав начин да им речете ‘Покажи ми што знаеш.’“

9 јуни 2020 - 00:00