Г-це Колман, што би рекле дека е пресврт во вашата кариера?
Не знам дали постои таков! Мислам дека се работи за тивок оган. Доста конзистентно работев и многу сум благодарна, дури и за годините кога не добивав многу работа, затоа што тоа ми дозволува да го ценам тоа што го работам сега. Неколку години работев и како чистачка и навистина уживав во тоа, беше супер начин да се издржувам. Одев и на курс за куцање за да можам уште малку да заработам како секретарка.
Но, глумата отсекогаш ви беше цел?
Тоа е единствено нешто што можам да го работам. За друго ништо не ме бива! Не можам да замислам… Едно време сакав да бидам бабица, ама не сум баш сигурна дека ќе бев многу добра, затоа што моите емоции се многу блиску до површината. Не знам дали ќе се справев со тоа така лесно.
Ема Стоун рече дека порано мислела дека да си чувствителен е клетва.
Мене ми е тешко! Всушност, снимавме сцена за „Круната” пред некоја недела каде што Хелена Бонам Картер кажува нешто многу потресувачко и не можев да престанам да реагирам на она што го кажуваше. Мораа да ме снимаат во тил и да ми стават слушалка во која пуштаа временска прогноза. Морав да го слушам тоа и да не ја гледам Хелена… Многу ми е тешко да ги одвојам работите.
Дали таа чувствителност многу влијаеше на вас во времето кога не можевте да се издржувате само од актерство?
О, дефинитивно се сеќавам на моментот „Боже, ова никогаш нема да успее!” Секако дека имав такви денови. Но, знаете, понекогаш размислувам како моите пријатели од драмското школо беа многу подобри од мене, па и на нив не им успеа. Мистерија е тоа, секогаш ќе биде мистерија што нема да ја разберам: среќата на еден човек, и недостатокот на среќа на друг човек може да создаде и да уништи. И имам многу среќа во моментов, затоа што колку подолго работиш, толку повеќе ти веруваат и луѓето велат, „Па добро, имаме една улога, може да ја пробаш.” А и колку си постар, помалку такви како тебе има.
Дали би рекле дека сте сосема креативно исполнета овие денови?
Се чувствувам сè повеќе креативно исполнета како што стареам, особено поради тоа што можам да играм поголеми улоги. Добивам и повеќе главни улоги отколку кога почнував. Можеш повеќе да кажеш, има поинтересни ликови, а и стануваат поинтересни колку си постар. Поинтересно ми е сега, во четириесеттите, отколку што му е на некој во дваесеттите.
Има уште повеќе за зборување и уште повеќе приказни за раскажување.
Така е! И сега повеќе можам да бирам што ми е интересно - но и тоа е прашање на среќа. Всушност, ме прашавте дали имало некој пресврт и реков нема, но имаше еден филм што се викаше Тираносаурус и мислам дека од тој момент ми нудеа поинакви улоги. Исто, за мене, од аспект на храброст, таа работа многу се плашев како ќе излезе… Ликот преживуваше семејно насилство и ако гледа некој што го преживеал тоа, не сакав да помисли, „Не изгледа тоа така.” Сакав тоа да го напраам како што треба. И веројатно работите тогаш се сменија.
Кои други фактори создаваат притисок кај еден изведувач?
Најтешкото е да играш жив човек. Во „Круната” ја играм кралицата за време на ’60-тите, а тоа е пред јас да се родам, па малку е полесно. Ќе биде многу потешко кога ќе се влезе во период што се памти. Во „The Favourite” ја играм Кралицата Ана и тоа е сосема различно. Ништо не знам за нејзе, но фасцинантно е, таа загубила 17 деца! А кога ќе разгледаш колку афери имала со жени… Веројатно морала да го крие тоа. Ужасно е да мораш да ја криеш својата љубов, а луѓето се уште мораат да прават такви работи, за жал.
Какви анегдоти откривте додека истражувавте за овие ликови?
Мене сценариото ми е најважно, се има таму. Добро сценарио значи дека сценаристите истражиле се што треба. Што ќе најдам јас, што тие веќе не нашле? Веќе кажале како сакаат ликот да изгледа.
А ако сценариото е лошо?
Тогаш мораш да најдеш начин да се справиш и да помогнеш. Но мене ми беше јасно од сценариото на „The Favourite” која била кралицата Ана и зошто била толку размазена, несреќна, со недостаток на самодоверба, инфантилна… Лесно ми беше затоа што ми беше завршена работата. Јас сум само актер, се појавувам, правам најдобро што можам според сценариото што ми е дадено, се трудам да не ме отпушти режисерот и си поминувам супер. Си ја обожавам работата!