Психолошката стапица на фриленс - работењето

Добрата страна на тоа да станеш свесен за врската меѓу времето и парите е што се подобруваш во однос на менаџирање на сопствените средства и наплаќаш повеќе - што е добро, особено кога ќе споредиш колку те плаќале кога си одел на работа. Истовремено е стресно.

„Во поголемиот дел од мојата кариера, добивав плата,” почнува Шарлот Каулс во својата статија за The Cut. Не беше многу, особено на почетокот, но како да постоеше паралелно од мојата вистинска работа. Работев колку што можев понапорно, па два пати месечно на сметка ми легнуваше одредена сума. Времето не ми изгледаше врзано со парите. Парите беа уште еден производ на моето одење во канцеларија секој ден и тоа прилично арбитрарен производ.

Но, кога почнав да работам сама, работите се променија. Станав хипер-свесна колку многу пари би можела (или би требало) да наплаќам за моето време и ова ме направи несреќна и намќореста кога неработните часови не вредеа исто. Блиску беше до чувството кога гледаш таксиметарот како чука додека стоиш во сообраќај, а минути и долари ти поминуваат пред очи. Еден пријател, кој исто така работи фриленс, неодамна изјави: „Излегов надвор да земам кафе и налетав на тројца комшии што сакаа да помуабетат. Сакав да вреснам, ‘Со секој збор што ви излегува од уста, јас губам пари!’”

Добрата страна на тоа да станеш свесен за врската меѓу времето и парите е што се подобруваш во однос на менаџирање на сопствените средства и наплаќаш повеќе - што е добро, особено кога ќе споредиш колку те плаќале кога си одел на работа. Истовремено е стресно. Почнуваш помалку да спиеш, и престануваш да се дружиш со луѓе колку што сакаш. И понекогаш скроз се распаѓаш, губејќи саботна вечер во кревет и чувствувајќи се ужасно поради тоа.

Има нови истражувања кои ја објаснуваат психологијата на оваа состојба на умот: Луѓето кои прикачуваат валути на нивното време или го вреднуваат во пари, имаат тенденција да бидат многу понесреќни од оние кои не го прават тоа, затоа што нивните неработни часови одеднаш стануваат многу помалку важни. „Слободното” време станува извалкано од вина затоа што - кошта. И многу луѓе паѓаат во оваа стапица. Едно истражување од 2016-та открива дека 63 проценти од прашаните ги ценат парите повеќе од времето, додека останатите кои изјавиле дека повеќе го ценат времето отколку парите, истовремено пријавиле и подобра состојба од првите. Оваа корелација останува ваква, дури и откако истражувачите почнале да контролираат фактори како приход - што ја комплицира претпоставката дека да ти биде времето приоритет наместо парите е луксуз што можат да си го дозволат само богатите.

Како што економијата се оддалечува од традиционални работи „на плата”, а се придвижува кон „договори”, сè повеќе луѓе почнуваат да чувствуваат стрес. Има уште истражувања на темава - наплаќање по час - без разлика колку наплаќаш - создава тенденција да почнеш на парите и времето да гледаш како на едно исто. Луѓето со оваа тенденција послабо учествувале во активности за разонода и задоволство, затоа што биле преокупирани со цената на нивното време.

Ако тоа што ги цениме парите повеќе од времето нè прави тажни и параноични, тогаш - како да запреме со ова? Решението, според стручњаци, лежи во нашиот пристап кон слободното време. Можеби е предоцна мозокот да ги одвои парите од времето, особено кога сме во незавидна финансиска состојба, но можеме да се потпреме баш на тоа.

Ако веќе мајндсетот ни е ‘времето е пари’, можеме да го преиначиме слободното време во нешто што ни овозможува да бидеме попродуктивни во иднина. Кога сме условени да мислиме дека цело време сме „на работа”, слободното време ни изгледа апстрактно и незадоволително. Но, ако се увериме дека слободното време е само уште еден начин да постигнеме некаква професионална цел или финансиски исход, на тој начин можеме да се убедиме некако да правиме паузи, комплетно да уживаме во нив, а со тоа и да бидеме посреќни.

13 февруари 2019 - 00:00