Пролетна модна капсула

Нешто ни е необично топло, ама уште не се одлучило. Да се облечеш за оваа транзит-сезона е тешко, ама ќе стане полесно ако се обидете да склопите пролетна модна капсула.

Како? Еднаш имавме детално објаснување, ама таа беше општа, по вкус. Оваа е за да бидеме спремни за сезонава. Се бираат парчиња што лесно се комбинираат меѓу себе и се адекватни за секојдневните активности. Ова за еден човек значи неколку скроени парчиња што се спремни и за на работа и за на кафе. За друг, може да значи собирање удобна облека што се носи за неколку различни шетања во денот. Првиот чекор треба да биде собирање на парчињата што веќе ги имате и ги носите почесто од други. Потоа, почнете да размислувате за празнините што ги гледате пред себе - дали имате повеќе тешки џемпери, а ич тенки? Имате топол зимски капут, но немате пролетна јакна? Дали сите фармерки се иста нијанса?

Кога ќе сфатите што ви фали, можете да направите список и да се фрлите во порага на безвременска модна капсула што ќе бара минимален напор и ќе биде лек за сите „немам што да облечам“ моменти.

Главно, ви требаат парчиња што можат да се носат во слоеви, во зависност од времето. Ова значи маици и блузи што ги собира под џемпери, јакни и кошули. Лесни плетки што нема да ве прегреат кога ќе изгрее сонце и барем еден сенаменски капут, или јакна. За чевли исто така треба да се бара лесно и удобно, обратно од тешките зимски чизми. И на крај, додатоци - експерименти од очила, шапки, марами, па и шарени чорапи.

Задолжително:

  • Сенаменска јакна: Тексас јакна, мантил, вештачка кожа, зависи каков ви е стилот. И да може да се носи над другите делови од капсулата.
  • Оверсајз сако: Добро е и за цела година, ама особено за пролет. Пробајте посветли бои што би ги носеле над потемни.
  • Фустани со средна должина: Уште не е сезона на летни, ама миди-фустаните се фина опција кога не ви се носат панталони. Во ладни денови се носат и со чизми и под џемпер.
  • Лесни џемпери: Тешките останаа во јануари - дури и февруари беше претопол за нив, а сега е таман време да се побара некој како измислен за рана пролет.
  • Маици: Затоа што можете со сè и во секое време, и во слоеви и со панталони и сукњи и фармерки и така натаму.
  • Големи кошули на копчиња: Затоа што, освен што добро изгледаат, можат да глумат и јакни.
  • Светли фармерки: Било каков модел.
  • Обични патики за преку ден: Како и маиците - можат со сè.
  • Балетанки, кломпи или сандали со затворени прсти: Балетанки се враќаат во мода - не знаеме што да мислиме за тоа, ама со сигурност ќе ги гледаме по излози. Кломпите се интересен избор, уште не се раширени колку што заслужиле да бидат, а затоа што уште не е доволно топло и затворените сандали вршат работа.
  • Очила, шапки и други додатоци: Барем овие не заземаат многу простор и можете да имате по неколку - ама со црно не може да се згреши.
4 март 2024 - 22:50