Пробавте со спиење во посебни спални?

Не е толку страшно за да биде толку контроверзно и поларизирано, ама ете. Одново, дискусијата ја почнува брачен пар на ТикТок и повторно се раѓаат аргументи за спиење во посебни спални.

Парот се Криси и Том Кларк и од публиката побараа нормализирање на спиење во посебни спални, со споделување видеа од секоја спална и нормално, предизвикаа бурни реакции како што секогаш оваа тема предизвикува.

@tiktockchrissy #stitch with @liddylidds we have been married for almost 14 years! We both need our beauty sleep 😴 #fyp #marriedlife #seperatebeds ♬ Claire de Lune - Ave Maria

Во коментари има „Никад!“ и „Што е поентата на бракот тогаш!“ и нешто поглупи од типот „Уживам да легнува маж ми до мене, се смееме, разговараме и се опуштаме после напорниот ден.“

На тоа има одговор „Тоа можеш и преку ден.“

Инаку, Криси и Том почнале да спијат одвоено, откако една година таа се разболела и имала упорна кашлица. Поради тоа, еден од нив обавезно завршувал на кауч, или во гостинската спална, но откако оздравела, продолжиле затоа што сфатиле дека многу подобро спијат.

„Мене ми треба мрак, а маж ми подобро спие со природна светлина. Јас подобро спијам на цврст душек, тој сака наддушек. Пробавме неколку душеци низ годините, и не најдовме некој што и на двајцата ќе ни се допадне. Да не го споменувам неговото ‘рчење и крадење јоргани.“

Подобро спијат, помалку нервоза има и велат дека се гушкаат и гледаат телевизија заедно, но кога ќе дојде време за спиење, си одат секој во својата соба.

Инаку, двајцата работат од дома, патуваат заедно, имаат деца и главно се заедно во текот на целиот ден.

„Спиењето во посебни спални не е еднакво на лош брак. Нам ни стана дури и подобар.“

Според неа, многу парови би сакале да пробаат, и тоа не само одвоено спиење туку и други неконвенционални работи, а им е шубе да го кажат тоа гласно.

Патем, дали знаевте дека до 1950-те, спиењето во еден кревет се сметало за старомодно и нездраво?

И, дали ви текнува дека и кралските брачни парови имаат посебни спални?

2 јануари 2024 - 11:56