Можеби треба да спиете во посебни соби

На пример, Гвинет Палтроу и Бред Фалчак така прават, исто и Кејли Куоко и Карл Кук (вториве дури и во посебни куќи). Ешли Греам и нејзиниот маж, Џастин Ервин дури живееја и во различни држави додека не им се роди детето. Заедничко на сите им е - посебни кревети.

Во однос на очекувањата на општеството, пар да се одлучи да спие одвоено личи на неконвенционален потег. Но, што ако ова има придобивки по здравје, а со тоа и по самата врска? Одредени експерти инсистираат дека може да има, особено за парови што живеат под ист покрив. Едно германско истражување дури и открива дека проблемите со сонот и проблемите во врската се често поврзани. „Ако некој не спие добро, станува општо иритабилен, па е уште пофокусиран на нечии непријатни спијачки навики и појави како ‘рчење,“ објаснува Д-р Шелби Харис, автор на Женски водич за надминување несоница за Британски Вог. „Може да доведе до нетрпеливост.“

Таа нетрпеливост знае да ги доведе до спиење во посебни кревети, а во однос на партнерот, клучот лежи во целосната искреност. „Прво мора да се биде кристално јасен на тема зошто ова се пробува,“ вели Џенифер Адамс, автор на Sleeping Apart Not Falling Apart („Одвоено спиење, не распаѓање на бракот“). Дали спиењето на едниот страда од другиот, заради ‘рчење, клоцање или користење на уреди? Или затоа што потребите (температура, светло или звук) толку многу им се разликуваат?

Во однос на подемот на неодамна скованата фраза „спијачки развод“, Адамс ја истакнува важноста на комуникацијата. „Најважниот аспект на овој прв чекор е да биде јасно што значи ова.“ Ако само еден од двајцата сака да спие во друг кревет, а другиот не, тогаш „откачениот“ се чувствува отфрлено, или може да помисли дека врската има некакви проблеми штом се предлага овој нов аранжман.

Инаку, до 1950-те, спиењето во еден кревет се сметало за старомодно и нездраво. Повеќе од половина век подоцна, важи токму спротивното. Како фактор се наведува интимата, односно допирањето, гушкањето и општо спиењето заедно, но се открива и дека двојките што спијат одвоено сведочат за свесна и намерна интимност во врската.

Адамс има свој пример:

„На почетокот, со сопругот си признавме дека ни недостасува блискоста на еден кревет. Но бевме толку благодарни што сме наспани, што заедничката тага и чувствата на загуба не ни беа страшни. Уживаме во ретките моменти кога делиме кревет затоа што е фино да заспиеш и да се разбудиш до човекот што толку многу го сакаш.“

Добриот ноќен сон го подобрува животниот квалитет, способноста за справување со стрес, проблемите со депресија, анксиозност и притисок. Ако сѐ ова се намали, влијанието на врската може да биде само позитивно.

17 јули 2020 - 01:27