Неделна доза ентериер:

Порелаксирано по дома во 5 чекори

Одиме и на работа и во теретана, и заглавуваме во сообраќај и седиме по чекални - не може секој простор каде што ќе се најдеме во текот на еден ден да биде совршен и опремен по наш вкус, ама дома - може.

Како може инстантно да стане порелаксирачки просторот?

Ај вака:

1. Прочистување

Може не е по ваш вкус, може ви звучи шашаво, ама и експерти тврдат дека со тактики како медитирање или горење ствари (стапчиња, свеќи, слично) се уништува негативната енергија. Овде има дури и водич со седум чекори, ако сте по тој спорт.

Ако не…

2. Купете си растение со супермоќи

За голем број на вообичаени собни растенија е научно докажано дека го подобруваат расположението. Босилекот на пример има една состојка што се вика линалол и докажано е дека ја намалува активноста на стотици гени што можат да прокуваат за време на стресни ситуации. Се разбира, нема зијан од свеж босилек кога готвите тестенини.

3. Декорирајте со сино

Бојата е поврзана со намалување на стрес, смирување на срцебиење, дури и поквалитетен сон, според повеќе истражувања. Пробајте со сини перници, или искречете еден ѕид син, или префарбајте парче мебел.

4. Колку што може повеќе природна светлина

Скандинавците важат за среќни затоа што, меѓу другото, имаат и филозофија за светли и весели ентериери. Како да внесете природна светлина? Тргнете ги завесите во собите каде што се непотребни, редовно чистете ги прозорците и декорирајте со огледала.

5. Фенг Шуи никако да излезе од мода

Не мора сите фотелји во западниот дел од станот кога веќе ви е кујната таму, но, не штети да се задржите на практичните совети: затворајте ја вратата од тоалетот, трпезариската маса нека биде секогаш средена и креветот нека не биде во иста линија со вратата. И за ова има водич, и тоа за почетници.

4 март 2021 - 00:00