Плукање по „Пријатели“ им здосади, дајте „Сексот и градот“

Ви текнува како новиве woke-генерации се намерачија да исчезне серијата „Пријатели“ затоа што беа крајно навредени од секоја можна епизода? Е па, сега на ред е „Сексот и градот“.

Беше тоа долго измачување, во сите мејнстрим ќошеви на интернетот се појавуваа елаборати на тема „Зошто е серијата штетна“, или „Колку е Рос психопат“, или „Колку се Џои и Чендлер хомофобични“ и зошто мора да се тргнат од етер, итн, итн… Не е ни толку неочекувано со оглед на тоа како луѓето полека, еден по еден, по сопствена волја си ја отстрануваат хируршки смислата за хумор, па секое исмевање на (глупа) човечка особина на телевизија го доживуваат како директен атак на нивната и без тоа снегулчеста личност. Нема врска тоа што Рос беше буквално исмеван и од другите ликови и од публиката за тоа што нејќе машка дадилка, или нејќе син му да си игра со кукли - они би воопшто да не прелета таква мисла во светот.

Нејсе, колнеа што колнеа за „Пријатели“ - им текна на „Сексот и градот“.

За волја на вистината, има некои проблематични моменти што ни на времето не беа баш едноставни за голтање, иако ’90-ти како едно далечно време го дозволуваа тоа. Во една од најраните епизоди на пример, Кери разговара со пријател кој тајно ги снима манекенките со кои има секс и воопшто не се обрнува внимание на тоа како проблем.

Но, Базфид наведува уште цела серија „проблематични“ моменти, што за да те навредат, треба ептен да си опериран од здрав разум и да припаѓаш меѓу оние погоре што би сакале некако магично да контролираат мисли, креативна слобода, хумор, па дури и грешки.

На пример, проблем била сцената каде што Миранда, со синчето и дадилката трча по „Белец со бебе!“ Бараат стан во Бруклин (кој во тоа време не е скроз стигнат до епитетот хипстерски рај) и Миранда бара безбедна локација и решава да тргне по „белец со бебе“. А по што да тргне, по бездомник со алуминиумска фолија?

Или, кога Саманта почнува да се гледа со црнец, без грам предрасуда, а сестра му најрасистички излудува дека се гледа со бела жена. Наводно, Саманта сосила ја направиле невина, а црнкињата „намерно“ ја направиле луда. Да се чудиш.

Една од поперфидните финти со кои се имаат послужено е една сцена каде што Шарлот (лик што е конзервативен, традиционален и често во заблуда за одредени вредности) изјавува, парафразирано, дека жените треба да внимаваат со покажување на својот успех затоа што мажите се плашат од тоа. Авторот на текстот ја осудува изјавата како погрешна и штетна за жени, кога е повеќе од јасно дека се работи за уште една Шарлот-заблуда.

Или, се жалат за моментот кога Саманта се пресели во нов кварт каде што навечер имаше трансексуални проститутки, што ги нарече trannies - терминот бил навредлив, а притоа го игнорираат моментот дека на крај заврши најдругарски со нив.

Или, зошто биле сите запрепастени кога Саманта кажала дека се гледа со жена и дека сега е лезбејка. Демек, апсолутно секој човек на планетава, кога другарка му што е опседната со хетеросексуален секс до тој степен што во еден момент ѝ снемува мажи ВО ЊУЈОРК што не ги прошла - ќе му каже дека е лезбејка ќе изреагира како да му рекла добро утро.

Ботом лајн, „Сексот и градот“ не е брилијантна серија. Забавна е, знае да биде и инспиративна за одредени дискусии, или модни екскурзии, ама свесни сме дека има недостатоци. Само што тие недостатоци немаат никаква врска со ова „новово“ што сме принудени да го живееме.

Оставете ги ’90-те на раат, и онака ништо не ви можат.

24 август 2020 - 00:05