Наследникот на Плејбој империјата, сега има еден муабет што го вика Филозофијата на Плејбој, каде што зборува и за феминизмот. Дали е социолошки поткован и дали може да биде објективен на таа тема е секако дискутабилно - детето гледало Плејбој зајачици со фреквенција на која ние гледаме воспитувачки во градинка. Дали е сељак? Дали стварно ги почитува жените? Не знаеме. Но - останува фактот дека се наоѓа на позиција од која може да ги приложи, ако ништо друго - сопствените гледишта на целата ствар.
Тој пишува дека Плејбој историски зафаќа простори „кои се преклопуваат” во дебатите за феминизмот, сексуалната љубопитност, правата на индивидуата и славењето на задоволствата, што е добро за жените, како што самиот заклучува, иако не мора да значи дека феминистите ќе се согласат. Пишува и дека станало редовна пракса во феминистичките кругови, Плејбој да се врзува со регресивните мажи-чувари на Америка, кои инсистираат дека на жените не им следува субјективност, или барем нивната сексуална објективност.
Она за кое што можеби Лора Џун, авторката на овој осврт за The Outline е во право, се однесува на неговото спомнување на еден есеј од Глорија Стајнам, Приказна за зајачето, во која писателката го спомнува моментот кога се појавува како Плејбој зајачица во еден од славните Плејбој клубови како доказ за комплицираната врска на Плејбој со феминизмот. Истовремено, малце ни ровари по ентузијазмот за поддршка на Плејбој и него како претставник: ги прескокнува главните поенти на делото на Стајнам - дека зајачиците заработуваат многу помалку од тоа што го знае јавноста и тоа за понижувачка работа, и дека биле под постојан надзор, со истражувачи кои се преправале дека се муштерии за да се осигураат дека ги следат сите правила.
Навидум одличен аргумент е дека Хефнер заборава да спомне и дека многу од најпопуларните ѕвезди кои се нашле во списанието – не се согласиле баш нивните фотографии да бидат објавени. Ума Турман, Мерилин Монро, Мадона, Вана Вајт, Џесика Алба и Шарлиз Терон се појавија на фотографии и внатре и на насловна без претходно да бидат известени. Слики од Мадона се појавија истовремено и во Плејбој и во Пентхаус во 1985-та, случај за кој таа изјави дека се почувствувала како да ѝ ја „искорнале кожата.” Излегоа и топлес папараци слики од Ума Турман во 1996-та. За што поточно се работи: Плејбој ги откупил фотографиите за кои тие позирале пред да станат славни, заради покривање сметки. Легално, тоа што го направиле од Плејбој – откупување слики од фотограф – е во ред. Она што не е во ред е што со нивното објавување, списанието намерно и отворено скандализира – „погледнете ги овие голи фотографии од овие жени пред да станат славни!” – за да продава. Терон се обиде да тужи, неуспешно. Но бидејќи објавувањето на фотографиите не е нелегално, „жртвите не можат да ја истераат својата правда”.
„Оставени се без одбрана, засрамени и принудени да се објаснуваат зошто позирале голи пред толку години. Плејбој во тие моменти ја брани својата работна стратегија, изјавувајќи дека нема потреба да се срамиме од голотијата, дури и кога една слика од твоето голо тело е објавена без дозвола.”
Она што Џун, па и Мадона, го забораваат е нивните сопствени дупли аршини. Сексот продава, и тоа одлично, а Мадона го монетизираше тоа многу добро качувајќи се до врвот на својата кариера. Во тој процес, ние како голтачи на поп културата искорната кожа не видовме, а богами ни денес, кога Мадона се труди да чекори рамо до рамо со Тејлор Свифт покажувајќи сè повеќе кожа. Ако си Ума Турман во 1996-та, се сончаш топлес и некој кретен излезе од грмушка да те слика - се разбира дека имаш право да го треснеш од земја, да го тужиш и да го натераш да зажали што воопшто му текнало. Ама во свет каде што сите мислат дека имаат право на твојата приватност, и правен систем што не ги лови нарушувачите на приватност како да се разбеснети животни по улица - не можеш да бидеш изненаден. Шарлиз Терон беше згрозена од песната „We saw your boobs” што ја испеа Сет Мекфарлан (Фемили Гај) кога ги водеше Оскарите - а богами и повеќето присутни, оперирани од фактот дека Мекфарлан направи кариера од политички некоректен хумор каде што ниедна раса, религија и определба не изземена, па зошто некој би се понадевал дека е привилегиран?
Се разбира, приватноста ни следува на сите, а сите овие оштетени ѕвезди имаат право да се бунат кога им е нарушена. Она што луѓето кои сонуваат и од петни жили се трудат да постигнат слава го превидуваат е, дека не можеш ни да јадеш, ни да пиеш, ни да излезеш по пижами, ни да се гушнеш со партнерот - без тоа да ѝ се напика на јавноста во лице преку некој медиум. Тоа е прилично језиво и истовремено и една непријатна цена која се плаќа ако заработуваш милиони од истата таа јавност. Затоа што јавноста е често еднаква на овци, а да се преправаме дека живееме во универзум каде што луѓето го плаќаат твојот производ, а истовремено ќе бидат доволно луѓе да не сакаат да ти ѕирнат во животот е лудо и глупо. Решение, во еден свет каде што некој мисли дека те познава само затоа што прочитал твое интервју - некако сè уште нема.
Поентата на Хефнер при пишувањето на неговата нова, (и Џун додава: лична) дефиниција на феминизмот е: „Тоа е правото на човекот да избере како сака да живее.” И додава, „дали тоа го опфаќа и правото на жените „да изберат” дали сакаат да ги има голи во Плејбој е непрашано и неодговорено, веројатно поради очигледните причини: Плејбој треба да продаде секс.” Да бидеш позитивен во врска со сексот не е исто како продавање секс, продолжува Џун. „И иако има жени во секс-индустријата што продаваат секс и успеваат да бидат феминистки во истиот процес, Плејбој уште не дошол до таму. Како списание, уште не се одлучиле дали женското тело е добро? Или срамно?”
И својот текст, во кој успева да излезе благо индиферентна, до малце изненадена, додека зад изборот на некои епитети и аргументи можеби и се наѕира нејзината смртна навреденост, го завршува со: Дали Плејбој ги почитува жените?
Она што е погорливо прашање во целава ситуација е, дали жените кои ги бранат и загрижено пишуваат за жените кои избрале да живеат на одреден начин, ги почитуваат жените?