Пет ликови од романтични комедии што се еден обичен Џо Голдберг

Да се вратиме на сцената со тушот од You. Џо Голдберг се крие во туш кабина од девојката што ја следи (и ќе ја фати), откако ќе ѝ провали во станот. И сто пати се кажа дека, да беше монтажата поинаква, ќе беше романтична комедија. И има зошто.

Ај, на уште една сцена: Џо мава со камче по прозор, да ја викне Бек.

Го крши прозорот.

„Хихихи”.

Ама, видовте како заврши.

You упорно сака да ни плесне во фаца дека многу од примерите на однесување на ликови во романтични комедии мора некако сфатиме дека се неприфатливи.

На пример,

1. Ени Рид во Sleepless in Seattle

Надвор од контекст, и без да раскажеш детали, овој класик е многу језив. Ранлив вдовец се јавува во радио-емисија да раскаже колку му фали жена му и му се закачуваат стотици жени. Една од нив, новинарка, е толку возбудена, што дознава каде живее и го набљудува и него и син му од далеку. Па го остава свршеникот (кутар Бил Пулман), и договара романтично рандеву на кров на зграда (од каде што тешко се бега од опседната жена).

2. Роби Вивер (Џона Бобо) во Crazy Stupid Love

Тринаесетгодишниот Роби е Џо Голдберг во изработка. Постојано ја облетува 17-годишната бебиситерка и воопшто не реагира на сите нејзини одбивања, додека не сфати дека нејзе ѝ се свиѓа татко му. И таман мислиш дека „се откажал” како што ќе изјави, поддршката од татко му „да не се откажува”, ја сфаќа како што му одговара. А поклонот од бебиситерката? Слика од нејзе - гола, со загадочна насмевка. Баш фино за развој на еден млад Џо Голдберг.

3. Луси Еленор Модерац во While You Were Sleeping

Исто како кај Џо, и кај Луси има воз и спасување некого од истиот. Доаѓаме до момент каде што по грешка луѓето ќе помислат дека Луси е свршеничка на типот, што сега е во кома, па таа решава да учествува во недоразбирањето, па (како комплетен странец) да им влегува дома, па да се дружи со нив, па на крај се вљубува во брат му. Замислете да се најдете во таа ситуација. Не нејзината - на семејството.

4. Лојд Доблер во Say Anything

Лојд е ненадминат филмски доказ дека кога ќе си ја најдеш сродната душа, едноставно одговор како „не” не постои и мораш упорно да бараш втор состанок. Симпатијата ја следи цело средно, па ја малтретира да излезе со него. Откако ќе се вљубат, татко ѝ ѝ забранува да се гледа со него. Неговите романтични гестови што порано изгледаа нежно (еве ова со касетофонов), после You фрлаат една поинаква сенка.

5. Зак Силер во She’s All That

Во You, Џо манипулира со Бек многу ефикасно затоа што систематски отстранува луѓе од нејзиниот живот, и тоа луѓе што би можеле да му го нарушат односот со нејзе (истото го правеше и другарка и). Простиот, но добричок Зак прави слично - со причината поради која ѝ се пушта на Лејни Богс во She’s All That. Не му е дојдено само до облогот што е дел од заплетот, затоа што наскоро развива чувства за неа, ама само откако ќе види колку е згодна без широка облека и очила. И по формула, ја одвлекува од друштвото и ѝ досаѓа да се претвори во негова жена од соништата. Во вистинскиот свет, тоа е обично емотивно злоставување и не е вистинска љубов, ама пред дваесетина години немавме видено Џо Голдберг, па…

Пробајте гледајте романтична комедија од '90-ти или рани 2000-ти и монтирајте ја поинаку во глава. Секако остануваат симпатични затоа што не сме снегулки, ама стави се во ситуација и неверојатно е колку можат да бидат страшни.

24 јануари 2019 - 00:03