Пазете каде ставате трепки

Супер е надградба на трепки. Само да не е со лепак за нокти, инаку супер е.

Прво, сте лепеле ли нокти со лепакот што е предвиден за тоа? За да не ти падне ноктот на првата квака, тоа чудо треба да биде доста силно. Најверојатно и доаѓа со предупредување да се држи подалеку од очи.

На една девојка од Англија не само што не ѝ го држеле подалеку од очи, туку и надградба на трепки ѝ направиле со него.

Значи секогаш, ама секогаш треба човек да истражи и да се распраша околу нов салон за вакви работи.

Меган Риксон, 20-годишна студентка од Лутон, Бедфордшајр закажала за надградба во неименуван салон и додека траел третманот - прво ја печело, па ослепела на некој саат.

За Базфид изјавува:

„Ме печеа очите многу, но таа ми рече ‘не се секирај, нормално е’, и ми рече да го држам окото отворено. Печеше толку многу што сами ми се затвораа, а таа упорно ми велеше да ги држам отворени. Кога заврши, седнав на креветот и не можев да ги отворам. Реков дека не е нормално, но таа ми рече дека е.”

Ова е далеку поразлично од расправање со продавачка дали е Мошино или Москино, затоа што, без разлика што некој вика 'Мошино', нема да ослепи поради тоа.

Под видеото што го објави од очите (и солзите, и црвенилото), Риксон ги предупредува сите што тргнале по трајни вештачки трепки да внимаваат. А ние ве предупредуваме да се спремите за солзење ако го пуштите ова:

„Јас ставав индивидуални денес и излезе дека ми ставиле лепак за нокти. Најозбилно не гледав два часа. За среќа, отокот се намали, ама уште ме болат. Внимавајте.”

Наредниот ден се вратила со дечко ѝ во салонот за да праша „што вака.” Кога дечко ѝ прашал каков лепак користеле, вработената рекла „лепак за нокти!” Не е познато со каква интонација. Дали била друга, па била изненадена, или била истата и не ѝ било прв пат.

Како и да е, не се бутајте по подруми, еднаш веќе дискутиравме дека ништо добро нема во комбинацијата убавина и подрум.

5 февруари 2019 - 00:00