Симболот на рани 2000-ти штотуку им ги продаде своите мемоари на Деј Стрит Букс (издавачот зад бестселер-мемоарите на Џесика Симпсон) и ќе содржат информации за нејзиниот личен живот наспроти јавниот.
Ова не ѝ е ни прв пат. Во 2004, ја издаде книгата „Исповеди на една наследничка“, со животни совети од типот зошто треба почесто да носиме тијари и колку е важно да имаш ултра-ниски фармерки во плакар („Знам дека сите викаат дека е готово со нив,“ ќе рече во книгата, „ама мене ми е гајле. Мислам дека се секси.“). Но, овие мемоари имаат поинаков призвук и нудат „брутална искреност и многу личен поглед“ во нејзиниот живот.
Се очекува здрава доза на Y2K носталгија, но истовремено и книгата да прикаже поранлива страна на Парис, како и што правела откако почна (можеби и неповратно) да се спушта од врвот. Во меѓувреме, имаше документарец на Јутјуб, во 2020, каде што зборуваше за мрачната страна на славата и како медиумите ја третирале во 2000-те.
Во документарецот зборува како добивала нефер третман во минатото, за секс-снимката и целиот скандал околу неа.
„Ако се случеше денес, немаше да биде истата приказна. Ме претставуваат како лоша личност, како да сум направила нешто лошо.“
Во последно време се бави со НФТ иновации, продавајќи дигитална уметност за добротворни цели и зборува за блокчејн-технологија и како таа може да ја демократизира уметноста.
На нејзиниот сајт пишува:
„Во раните 2000-ти, кога почнав личниот бренд да го претворам во мултимилионски бизнис, пронаоѓање и помагање на други и поместување на границите на интеракција со моите фанови ми беше страст. Како #шефица, имав среќа да се бавам со сите три работи и со НФТ можам да ги комбинирам сите креативни интереси. Остварување на сон ми е.“
Останува да видиме дали мемоарот ќе биде нешто очекувано парисхилтоновско, или ќе ни се затнат муцките на сите затоа што ќе извади нешто далеку подлабоко од она што се очекува - веќе има наводи дека се работи за хипер-интелигентна, нелигава личност, што истата секунда кога ќе се вклучат камерите - се претвора во Парис Хилтон што ја знаеме.