„Парализата на одлуки“ нè прави несреќни

Нормално е да се помислиш малку кога се работи за секојдневни обврски како бирање од кај ќе нарачаш ручек. Но, за многу луѓе, ваквите ситуации знаат да бидат и претешки - и ова се вика парализа на одлуки и опфаќа интензивни потешкотии при правење избор.

Според експерти за ментално здравје:

„Парализата на одлуки, едноставно кажано, е интензивна потешкотија при правење избор меѓу опции. Чувството може да биде толку интензивно, што нѐ парализира, што значи се чувствуваме екстремно заглавени и неспособни да го направиме изборот.“

Знаци дека ви се случува парализа на одлуки вклучуваат прокрастинација, бескрајно истражување и анксиозност кога се размислува за одлуката. Предизвикано е од многу работи - од страв да не направиш погрешен избор, или да зажалиш, до имање преголем број на добри опции на располагање.

Иако не е официјална медицинска дијагноза, овој тип на парализа е чест кај луѓе со нарушувања со недостаток на внимание, анксиозност и перфекционизам - но се случува и без нив. Често е поврзано со длабоко чувство на недоверба кон себе и сопствената интуиција, па се обидуваме да сфатиме што „треба“ да се „направи“.

Како се решава? Прво, советот е да не одложуваме предолго. Истражувања имаат покажано дека одложувањето ги намалува шансите некогаш да се завршат работите. Важно е и да се слуша внатрешното чувство и телото. Ако се послушаме себеси, со тек на време и понатаму ќе се научиме да си веруваме и да ја зајакнеме врската со сопствената интуиција.

И на крај, запаметете дека само затоа што одлуката не носи резултати какви што сме замислиле, не значи дека не била вистинската одлука. Треба да се научиме да живееме со неудобноста од фактот што некои работи не излегуваат како што треба и тоа е позитивно чувство за нашиот личен развој.

Значи, не е толку битно од каде ќе нарачате. Следниот пат ќе нарачате од другото место, и готово.

13 октомври 2023 - 00:00