Па, тешко дека ќе има подобар наратор за шминкање

Ники Туторијалс, шминкерка со 11 милиони претплатници на Јутјуб, неодамна потпиша договор со Марк Џејкобс соработка, и меѓу другото најави „занимливи проекти.” Никој не предвиде дека под тој термин се крие соработка со Снуп Дог како наратор за туторијал.

Во клипот, Ники користи целосно покривна пудра од новите на Марк Џејкобс, заедно со коректор од истата колекција. Имињата им се Accomplice Concealer & Touch-Up Stick и Accomplice Instant Blurring Powder (ако некој пробал, да каже, Ники знае така да подлажнува кога ќе ѝ дадат пари за реклама). И вели, „бидејќи името им е Accomplice („Соучесник”), ми требаше соучесник да ми помогне”. И тогаш почнува гласот што тешко се промашува.

„Прво,” зналачки ќе почне Снуп, „мора да ја закачиме косата горе, ме сфаќате? Да ја закачиме косата, за да ја тргнеме, за да се тргнат тоа рабовите (?), кога ќе почне да става од тоа шминката.”

Кога ќе дојде до пудрата, (која може да се пофали со мајсторски маркетинг, затоа што, која друга пудра имала ваква бизарна најава?), почнува и да се занесува. „Полека, под очите. Полека, Ники, полека.”

Негде при крај промашува малку, ама не е битно. Вика, „Гледаш како оди тоа? Како уметничко дело е сега. Ники, изгледаш како уметничко дело, девојче. Ајде. Многу ми се свиѓа ова. Како слика од Пикасо.”

Патем, проверена работа е ова, кога правиш нешто веќе вообичаено, а додаваш неочекуван елемент. Таткото што раскажуваше туторијал на ќерка му, без да има поима што се случува на видеото го памтите? Е па, тоа.

А еве го и Ники + Снуп Дог:

2 мај 2019 - 14:56