Ова е ташна

Досега имаше ташни доволни за да ставиш мастики и можеби прстен во нив. За новчаник требаше да се снаоѓаш. Овие за што, за полен?

Големината е 675х222х700 микрометри и на аукција оди за илјадници.

Производот е на MSCHF (се чита како mischief), креативен колектив од Бруклин, познат по „провокативни изводења“, како што пишува Њујорк Тајмс. Претходно имаат вадено принтови од Енди Ворхол, патики со света вода, чевли со крв, колонска вода што мириса на ВД-40, џиновски црвени гумени чизми, и така натаму. Сега, без да ги прашаат Луи Витон, ја реплицирале торбата ОнДГоу, како најново од серијалот „се заебаваме со капитализмот и консумеризмот“. Контрадикторноста лежи во тоа што нивните производи ги продаваат по баснословни суми, а лицемерието го бранат со фактот што во нивната природа е да учествуваат, дури и кога сатиризираат или критикуваат. Сакаат нивната интервенција да удри по истите луѓе кои живеат во просторот што тие го критикуваат.

Според нив, како што обично функционален предмет како ташна со време станува сè помал и помал, така доаѓа до степен да стане нешто апстрактно и само симбол на брендот.

Прво морале да бараат некој да им ги изработи минијатурите, за на крај да најдат компанија за биотехнологија која решила да се вклучи со процес познат како двофотонска полимеризација и да ја направи ташната. Кога им праќале „парчиња“ на преглед, се разбира неколку се изгубиле по пат.

Купувачите не мораат да му ја мислат. Се продава во проѕирен гел сместен под микроскоп со дигитален дисплеј.

Во споредба, оваа ташна, очигледно веќе демоде, изгледа како трокрилен плакар:

27 јуни 2023 - 10:24