Миљенко Јерговиќ:

Општество што го владеат деца е лошо колку и општество што го владеат мажи

Само сплетот на среќни околности (постоење на видео снимки од она што се случувало) и солидарноста на колегите и учениците го спасија злоставуваниот и физички нападнат професор на Машинското техничко учичиште Фран Бошњаковиќ од истражен затвор, робија, губење на работата и конечна социјална смрт во шеесет и првата година од животот.

Сето тоа ќе му се случеше на професорот, затоа што се осмели да им врати на напаѓачите. Не затоа што, евентуално, ги преминал границите на нужната одбрана, туку затоа што воопшто се бранел.

Го уапсија, го затворија, министерот за наука и образование Радован Фукс пред целата публика на ХРТ го најави неговиот отказ, а на напаѓачите, како и на нивните соученици кои немо го помогнаа нападот, или навиваа за напаѓачите, им вети извонредна психолошка помош. Откако се појави видео-снимката, и откако стана јасно дека учениците физички го нападнале професорот, министерот не му се извини. Иако неговите зборови ја изгубија извршната сила - бидејќи професорот сепак нема да добие отказ - не се повлечени, па останаа да траат како навреда, понижување, вербален шамар на професорот, кој неговите ученици веќе го тепаа и го нарекуваа четнички војвода.

На крајот, професорот заврши на боледување, што значи дека и платата ќе му биде намалена. А учениците што го вреѓаа, злоставуваа и физички го нападнаа, поточно (само) четворица - добија опомени. Двајца и опомени пред бркање од школо. Нема никаков сомнеж дека сите четворица по школо и по маало со овие опомени ќе се китат како со одликувања.

Нападнатиот професор е, и во тоа нема никаков сомнеж, жртва на филијархатот во Хрватска. Имено, како што (повеќето) жени и девојки кои се злоставувани и тепани од нивните сопрузи, браќа или татковци не се само жртви на нивните злоставувачи, туку и жртви на патријархатот - општество каде што мажите имаат право на вистината - така ни професорот од Машинското техничко училиште Фран Бошњаковиќ не е жртва само на неговите злоставувачи, туку и жртва на филијархатот - општество во кое децата имаат право на вистината. Патријархатот го наследивме, со него се пронижани нашите формални и неформални институции, како и начините на мислење и живеење, додека филијархатот е делумно чума на новото време. И самото детство е релативно нов концепт и изум (не би верувале, но пред двеста години, детството не постоело во општествената свест, ниту се доживувала разлика меѓу деца и возрасни), а филијархалниот начин на општествено функционирање потекнува од самата суштина на модерниот капитализам. Децата се многу скапи, децата многу трошат, целото општество се раководи според нивната добросостојба и напредок. Децата растат, нонстоп им требаат нови чевли, панталони и маици. Децата се развиваат, им требаат нови гаџети, телефони, машинчиња што светкаат и прават пиу-пиу… Циклусите на детството се идеални циклуси на зрелиот капитализам. Смислата на маркетингот и економската пропаганда е во тоа родителите, или сите возрасни секогаш да бидат уценети со доброто на децата. И на државата не ѝ е туѓа таа уцена: граѓаните се попослушни и полојални ако се загрижени за своите деца…

Филијархатот произлегува од истиот вид примитивна, поедноставена свест како и патријархатот. Како што мажот има право над жената и над целото семејство, така и детето (или децата) имаат право над општествената заедница. Кога политичари се фалат со градинки што ги изградила нивната власт, подразбираат дека во заедницата не постојат групи на граѓани на кои тие градинки не им се потребни. Затоа што, кој воопшто би се осмелил да каже дека не му треба градинка? Филијархатот како и патријархатот смета на тоа дека неговите жртви нема да се осмелат да противречат. Притоа, филијархатот не е ни лев, ни десен. Иако зад повеќето девојчиња и момчиња кои би ве нападнале стои агресивен, патријархален татко кој ќе ви го пукне носот ако се побуните против неговото галениче. А и мајката, што исто така ќе ви го пукне носот…

Во повеќето загрепски ресторани не можете да влезете со куче. Меѓутоа, не постои - или овој ресторански гостин не знае за таков - ресторан во кој не можете да дојдете со деца. Кучињата во ресторан по правило се тивки и мирни. Децата често не се такви. Во филијархално општество се подразбира дека сте должни со наведната глава и без приговор да го поднесувате дерењето на нечии деца. За угостителски објекти, како и детски игралишта да не разговараме. Зошто децата смеат безглаво да трчаат по кафич, со вресоци што на сите им ги грчат лицата, освен на нивните родители? Затоа што во филијархат тоа е нормално. И затоа што во филијархално општество, не се социјализираат децата во друштво на возрасните, туку возрасните се социјализираат во друштво на децата. Од прилика како да живееме во детски градинки.

Не би било сето ова проблем, да нема продолжение: во детскиот свет, во светот на бескрајно продолженото детство, некако е и нормално, и обично и логично довчерашните деца, а денешни адолесценти и седумнаесетгодишници, да го тепаат професорот, да го викаат четнички војвода, да ја вреѓаат неговата покојна жена… Децата сакаат да ги испитуваат границите на можното. Децата често малтретираат други деца. Се разбира, малтретираат и возрасни по дома, ако тие тоа им го дозволат. Но, кога ќе почнат да малтретираат и други возрасни луѓе, да речеме нивните учители, наставници и професори, тогаш настанува сериозен општествен проблем. Таквите деца некогаш беа нарекувани малолетни деликвенти. Растени беа во домови за малолетници. И можеби општеството кон нив знаеше да биде грубо и неправедно. Но, беше незамисливо општеството да се прилагодува кон нив и нивниот ментален и емоционален склоп.

Децата што не се социјализирале во рамки на светот на возрасните, некогаш се нарекуваа невоспитани деца. Ако родителите сакаа токму такво дете, заедницата остануваше главно немоќна. Но, никому не му паѓаше на крај памет на родителите да им помага да имаат токму такви деца. Затоа што децата сепак не се заедничка грижа, како што не се ни заедничка радост. Вашите деца се само ваши деца, а ние имаме право да немаме ништо со вашите деца. Еднакво како што имаме право да немаме ништо со вас. Граѓанската заедница е доброволна заедница. Даноци плаќаме за да не мораме да имаме ништо едни со други. Јас лично плаќам даноци за да бидам слободен од нечиј патријархат. И од нечиј филијархат.

Пред неколку години, на еден загрепски факултет им забранија на родителите да доаѓаат со нивните ќерки и синови на приемен испит. Мајките и татковците на тоа се побунија и рекоа дека за нивните деца тоа е преголем шок. Навистина, шокантно е, после дванаесет години возење во школо и од школо, прв пат во животот да влезат сами во образовна установа. Прв пат да мораат да направат нешто сами за себе. Веста за тоа е објавена некаде на маргините на јавниот интерес, баш како да се однесува на некои чудни и ексцентрични родители и нивните чудни и ексцентрични деца. А всушност, требаше да биде главна вест во дневникот, требаше да биде главен наслов на сите насловни страници по весници. Прашањето кога и како во Хрватска завршува детството не се однесува само на родителите и нивните деца, туку на сите нас. А битно ни е баш затоа што ние претходно не знаевме да живееме со деца и покрај деца, ниту умеевме да поставуваме граници меѓу себе и нив, туку само без критериум ги пропуштавме во нашиот свет. И така еден ден факултетите станаа детски градинки.

Само среќните околности го спасија злоставуваниот и нападнат професор од Машинското техничко училиште Фран Бошњаковиќ да не ја доживее судбината на Ана Магаш, жената која потегна нож на мажот-злоставувач и заврши како жртва на патријархалното друштво. Како доживотен заробеник на нашата совест. Сега би требало да се искористи токму тој сплет на среќни околности и да се донесе приказната до крај, за да се заштитат сите идни жртви на филијархатот. А нив, за жал, ги има на сите страни. По школи, по улици, по ресторани, на факултети, на стадиони. Притоа, како што укинувањето на патријархатот никако не може да биде на штета на мажот, туку токму спротивното, така ни укинувањето на филијархатот не може да биде на штета на децата. Добро е да се порасне, затоа што малку нешта во животот се така болни и непријатни како детство на стари години.

-Миљенко Јерговиќ

16 јануари 2024 - 11:29