Процесот на онлајн средби е веќе досадно позната работа - бираш некој што се надеваш дека не е психопат, па си разговаркате малку, па стигате до моментот - состанок. Во тој момент е веќе здосадено, па се поставува прашањето „Ќе успева ова, или да си седам дома со серија?“ Па, доаѓа денот на закажаната средба и уште од сабајле - откажуваш, со спремен изговор за непланиран настан на кој ете, мораш да се појавиш.
Ова се случувало толку често што добива и име - планирањето да откажеш го викаат OnlyPlans.
Апликацијата за дејтинг „Пленти оф Фиш“ во годишниот извештај вели вака:
„ОнлиПланс е актот на постојано планирање состаноци со некого, но неисполнување на плановите.“
Изразот игра со „ОнлиФанс“, платформата што служи за монетизирање на ексклузивни, нецензурирани содржини преку пакети за претплата. Кај ОнлиПланс, еден човек зборува со друг човек, се согласува да излезат и откажува во последен момент. И според извештајот, 52 проценти од самците го искусиле ова.
А се разликува од извисување - порано, пред апликациите, се оставаа луѓето да чекаат на шанк, за на крај да им текне дека никој не доаѓа - ни порака, ни ништо. Во новиов свет, пак си извисен, ама барем ќе добиеш порака „Може друг пат?“
Зошто луѓето го прават ова, со оглед на тоа што личи контраинтуитивно на желбата за романтични средби? PureWow ова го споредува со епизодата од „Пријатели“, каде што Чендлер плаќа за теретана, ама никако не успева да откаже. ОнлиПланс има врска со емотивната безбедносна мрежа што би требало да нè заштити од импактот на среќавање со непознати. Едноставниот акт на виртуелна комуникација со потенцијален додворувач ни ја нуди сета валидација што ни е потребна - без никаков ризик. Зошто да одиш на состанок, кога и онака добиваш внимание без тоа?
Од друга страна пак, денешниот дигитален љубовен пазар и бескрајните опции што доаѓаат со него нè носат до парализирачки оверлоуд од можности. Слично како кога имаш и Нетфликс и ХБО и Дизни и пак гледаш Френдс или Господар на прстените. Целата процедура, од match-нување со некого, до следење на социјални мрежи и одлучување дека „не ти се свиѓа“ пред воопшто да го видиш, е резултат на имање премногу опции и премногу време да претераш со анализирање.
На крај, без разлика што ОнлиПланс е безопасен феномен, останува прашањето дали се работи за само-саботажа, или време е да се избришат апликациите?