Од жени што треба да се учат во школо: Едит Кларк

Родена е во мала земјоделска заедница во Мериленд, САД, 1883, а ги има одново дефинирано границите на инженерството и технологијата и тоа како жените се вклопуваат во овој свет.

Има студирано математика и астрономија и кариерата ја почнала како наставничка по математика во приватно школо за девојчиња во Сан Франциско, а потоа и на колеџ.

Во 1911 ѝ се случил пресврт кога се запишала на студии во Висконсин. Летна работа како „компјутерски асистент“ во АТ&Т ја вовела во светот на електроинженерингот и сфатила дека тоа ј аинтересира.

Во 1919 добива мастер титула и станува прва жена со таква диплома од катедрата. Во 1926 станува прва жена со труд пред Американскиот институт на електроинженери, за критични проблеми во стабилноста на електроенергетските системи.

Низ кариерата има напишано уште трудови и учебници, и придонесено со иновации, меѓу кои и два патенти поврзани со пренос на електрична енергија. Како прва жена професор по електроинженерство, има инспирирано генерации и генерации студенти до пензија во 1956.

Како ретко кога, кога се работи за жени во индустријата, ни достигнувањата не ѝ остануваат незабележани. Станува прва жена-член на Американскиот институт на електроинженери и добива награда за животно дело од Друштвото на жени инженери, со што инспирира цели генерации жени да ги следат своите аспирации без разлика на родовите бариери.

Починала во 1959, на 76, оставајќи наследство од иновација, одлучност и моќ зад себе.

13 мај 2024 - 00:00