Од кај полицајци и крофни?

Се повторува во еден куп филмови и серии, особено ако се хумористични, или цртани - кај што има полиција, мора да има крофни. Овој стереотип е толку вкоренет што одамна e излезен од екранот и станат дел од поп-културата, но причината е многу поинтересна од просто ТВ и филмско клише.

Во средината на 20 век, во САД немало продавници што работеле 24 часа - повеќето затворале во 2 или 3 попладне. Ова им било проблем на полицајците што работеле ноќна смена - возеле цела ноќ без можност да застанат за топол оброк, пијалак или дури и место каде можат да завршат административна работа. Едноставно немале каде.

Ситуацијата почнала да се менува по 1950-тите, а особено по Виетнамската војна. Во САД пристигнал бран камбоџански и виетнамски имигранти кои бегале од нестабилноста во Југоисточна Азија. Многумина од нив отворале дуќани за крофни - популарен бизнис што можел да се започне со релативно мал капитал. За разлика од другите американски продавници, тие немале навика да затвораат рано и препознале одлична економска можност: да работат нон-стоп.

Така, дуќаните за крофни станале единственото место каде полицајците на ноќна смена можеле да одморат, да јадат и да завршат некоја папирологија. До 1980-те, крофнарниците - особено оние во сопственост на камбоџански и виетнамски семејства во Калифорнија - станале симболичен дел од американската урбана сцена.

Со текот на времето, оваа слика - полицајци со крофна во рака или паркирани пред крофнарница - се вкоренува во популарната култура. Почнува да се користи во стенд-ап комедија, филмови и телевизиски серии, сè додека не стана еден од најпрепознатливите стереотипи. Иако денес има многу повеќе 24/7 локали и полицајците имаат повеќе избор, колективната претстава за нив и крофните и понатаму трае.

А и реално - кој одбива крофни?

извор

1 октомври 2025 - 00:00