Од другата страна на шминката

Да ги чуеме жените што не користат шминка, да видиме како тоа изгледа.

„Гел за лице, тонер и крема. Четка, паста, конец. Ги избројав. Шест. Пак ги избројав. Само ова ли донесов? Распакував козметика во купатило кај другарка ми, каде што требаше да спијам викендот и прв пат сфатив до кој степен ми се сменил односот со шминката.

Порано почнував со тонирана крема - тенок слој на образите, до брадата, па надолу по вратот. Па, коректор - десетина точки врз колку што е можно повеќе лузни и акни по вилицата, челото и носот. Следно, со коса четка ставав прав за контурирање, на капаците и на двете страни на носот. После, една бисерна течност и кремасто руменило на образите, едно по друго како слоеви маслена боја. И на крај, црна маскара стратешки нанесена на крајните трепки и кафеава крема на веѓите.

Ова - секое утро. Следеше брза, но точна рутина за мојата суптилно исфарбана и третирана коса, за да изгледа што е можно поприродна. На крај, во огледало гледав лице што е послабо, поаглесто и посветло од моето. Потесен нос, пошироки очи и пофина коса од онаа со која сум се родила. Изледав како јас, ама „поубава”.

Во пролетта, 2017-та се откажав од шминка преку ноќ. Имав неверојатно многу акни и бев спремна да се обидам со што и да е, само да си одат, дури откажав и млечни производи. Во рок од месец дена кожата конечно ми се исчисти. Не знам точно кое од овие две беше решението, ама млечни производи почнав да јадам за месец дена, а на шминка не се вратив никогаш.

Одлуката да одам со „голо лице” ми дојде во интересно време. Тогаш ја прочитав „Женственост и доминација” од Сандра Ли Бартки, книга објавена во 1990-та, која, иако во некои делови ја имаше прегазено времето, ја формираше женската борба за убавина на начин кој не можев да го заобиколам:

„Императивот да не го баталиме изгледот сугерира дека тоа е можно, дека во наша моќ е да направиме да изгледаме подобро - не само посредено и почисто, туку и поубаво и попривлечно. Со ова се налага дека не изгледаме доволно добро во старт, дека виманието на обичните стандарди за хигиена не е доволно, дека нешто ни фали какви што веќе сме. Овде, ‘интимациите на инфериорност’ се јасни: не само што мораме да продолжиме да се произведуваме себеси како убави тела, туку и телата во старт работат со загуба.”

За ова размислував долго време: телата во старт работат со загуба. Дали е шминката лоша за женската кауза? Со месеци си го превртував прашањето во глава. Ги испитував аглите - како на пример, дека многу жени се шминкаат како начин на себеизразување, други уживаат во ритуалот, дека е традиција… и сепак не бев задоволна. Откако ја прочитав таа книга, веќе не можев да се шминкам без да се чувствувам дека на некој начин поддржувам систем со кој не се согласувам. И кога моите акни овозможија излез, се затрчав.

Иронијата да се откажеш од шминка за чиста кожа не ми бега, но секако беше драстична промена. Во последниве 18 месеци, освен повремено ставање боја на образите заради забава, сите што ќе ги сретнам, на било кое место ги поздравувам без шминка. Излегувања, настани, фото-сесии. И некаде по пат, и другите ритуали се изгубија: вадење прамени, кератински третмани, маникир, редовно бричење, самопотемнување, мерење на вага.

Некое време се чувствував помалку атрактивна. Според тесните гледишта на западњачките стандарди за убавина - и бев, и сум. А како жена, доброволно да го прифатиш тоа ми беше малку туѓо. Но наскоро, се случи нешто чудно: затоа што веќе не се самоедитирав, лицето повеќе не ми се менуваше секое утро и секоја вечер пред очи, не можев да се потпрам на бројки за да го оценувам моето еволуирачко тело, кожата ретко ми се трансформираше од влакнеста и бледа во потемнета и мазна - станав едно постатично суштество. Изгледав исто секој ден. Тоа беше многу досадно. Со тек на време, вниманието ми залута на нешто поинтересно, и ме доведе до состојба на неутралност на лице и тело, и тоа прв пат од детство наваму.

Секако важи фактот дека шминката и убавината остануваат столб во современото женско искуство. Како такви, ритуалите за убавина им значат различно на различни луѓе. Моето искуство минатата година може и да не важи за некој друг - особено вака, како слаба, способна, цис жена за која откажувањето од шминка може да е приватен чин. За други, чии тела добиле понефер третман, себеедитирањето може да добие сосема поинаква форма, тежина и значење. За некои е чиста радост.

Единствената желба ми е повеќе да се разговара на оваа тема. Да се направи повеќе простор и во реалниот живот и онлајн, со истражување на улогата на шминката и убавината во животот и искуствата, гледајќи подлабоко од краткорочното чувство што го предизвикуваат. Каква врска бараме со себе и со другите на крај? Што ни е долгорочниот план како жени и луѓе? Немам одговори, само би сакала да ги побарам.

Јас не сум излечена од самокритика. Сè уште сум поврзана, на некој начин, особено преку модата - со туѓите погледи. Но, кога конечно се прашав што работа ми завршило опсесивното тимарење и дали би можела да застанам зад сопствениот одговор заради другите жени и идните ќерки, не ми се допаѓаше одговорот. Кога конечно почнав да се ослободувам од тоа, прв пат видов начин за подобро да се разберам. И да се прифатам.

Емоцијата што ја почувствував, така застаната во тоалетот на другарка ми, со шесте производи пред мене, не беше на доминација или супериорност. Ништо такво територијално. Едноставно ја почувствував, и тоа со полна сила - леснотијата на прифаќање себеси, онаква каква што сум.”

-Хејли Наман

16 ноември 2018 - 00:00