Новиот статусен симбол е да немаш што да докажуваш

Едно време беше важно преку цела маица да има лого. Па стана срамота, па почнавме со „тивок луксуз“ - кашмир, ненаметливи чанти, совршено скроени палта и предмети што изгледаат обично, сè додека не дознаеш колкава им е цената. Па, и тоа замре. Она што владее сега е тешко да се сликне за на Инстаграм.

Следната форма на луксуз е нешто што отсекогаш било луксуз - раат, дискреција, сигурност во себе и - време. И немање потреба да докажеш дека имаш сè од ова.

Да имаш време да не одговориш веднаш на порака, да немаш пет состаноци во еден ден, да поминеш попладне без план, да прочиташ книга без да ја објавиш на Фејсбук... И најстрашното - да одиш на пат и да не ставиш стори! Одеднаш, бидејќи живееме во свет во кој буквално од сè се прави содржина, привлечно станува да имаш - приватност.

Интернетот нè научи да станеме сопствен бренд и на она „ако нема слики како да не се случило“. Дека е нормално да седнеш на кафе и прво да го сликаш кафето, па да се напиеш. Дури и моментите што некогаш би останале само наши сега лесно стануваат дел од јавниот архив на сопствениот живот.

Сега тоа се менува - истражувањата одамна покажуваат дека статусот не се поврзува само со тоа што поседуваме, туку и со тоа што им сигнализираме на другите. Една студија објавена во Journal of Consumer Research, на пример, покажа дека дури и зафатеноста и недостатокот од слободно време можат да функционираат како статусен симбол: луѓето ги поврзуваат презафатените личности со компетентност, амбиција и барање. Но подоцнежните истражувања сугерираат и нешто поинакво: кога луксузното трошење станува премногу видливо на социјалните мрежи, набљудувачите почесто го доживуваат како самопромоција, а лицето што објавува како помалку автентично. Тоа значи и враќање на една стара, речиси заборавена вредност: дискретноста. Просто, не мора сите да знаат каде сме, со кого, колку сме платиле, каде ќе одиме, што точно мислиме за секоја тема на интернет. Дури и досадата и немањето занимација стануваат привилегии - пишувавме тука за девојката што се откажа од слушање подкасти и се преплави со идеи.

Затоа и е невидлив новиот луксуз. Затоа што не е мерлив, туку е слобода да не се брза и да не се документира.

Што значи, статусот денес не значи да видат сите дека имаш сè, туку да си доволно сигурен во сопствениот живот за да немаш потреба некој друг да го види.

Стигнати ли сме до таму?

7 октомври 2026 - 00:00